Бугарија се уште не гледа услови да ја крене „рампата“ за Македонија


Шефот на бугарската дипломатија денеска на состанок со амбасадорите на земјите членки на ЕУ истакнал дека бугарската страна сè уште очекува конкретни чекори од Скопје за исполнување на обврските, вклучително и откажување од територијалните и претензиите кон малцинства, прекинување на говорот на омраза, промена на учебниците и гарантирање на правата на граѓаните со бугарска самоопределба.

„Бугарија не може да поддржи одржување на првата меѓувладина конференција на ЕУ со Република Северна Македонија. Актуелната нацрт-преговарачка рамка за пристапување на Република Северна Македонија не ги одразува предлозите на бугарска страна и затоа не може да поддржиме старт на преговорите“. Ваков одговор за новинската агенција БГНЕС испратиле од бугарското Министерство за надворешни работи (МНР).

Шефот на дипломатијата, Светлан Стоев, денеска во својот кабинет имал средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и в.д. шефот на делегацијата на Европската комисија во Бугарија, на која ги запознал со актуелните случувања по тамошните претседателски и парламентарни избори, како и со приоритетите на бугарските позиции за теми поврзани со заедничката европска агенда.

Во однос на преговорите за членство на Северна Македонија, пренесува БГНЕС, Стоев ги истакнал напорите што ги направила Бугарија за да ги реши отворените прашања со Скопје, како и тоа дека нема напредок во имплементацијата на Договорот за добрососедство.

Министерот истакнал и дека бугарската страна сè уште очекува конкретни чекори од Скопје за исполнување на обврските, вклучително и откажување од територијалните и претензиите кон малцинства, прекинување на говорот на омраза, промена на учебниците и гарантирање на правата на граѓаните со бугарска самоопределба.

„Не гледаме напредок, бидејќи нема политичка волја за решавање на овие прашања“, изјавил шефот на бугарската дипломатија. Во вакви околности, според него, Бугарија не може да поддржи одржување на првата Меѓувладина конференција. Паралелно, Стоев ја потврдил поддршката за Албанија да ги започне преговорите.