Бугарија купува ракетен систем од САД за 200 милиони долари
Бугарската влада во заминување одобри купување на крајбрежен противбродски ракетен систем од САД за 200 милиони долари, но договорот мора да биде одобрен и од парламентот.
Министерот за одбрана во заминување, Атанас Запрјанов, објасни дека се подготвени два договори. Едниот за снабдување на системот вреден 205 милиони долари, а вториот за снабдување на систем за команда и контрола вреден нешто над 3 милиони долари.
Договорот е со САД според моделот „од влада до влада“, според кој беа купени и ловците „Ф-16 Блок 70“.
Проектот е во подготовка со месеци. Американскиот Стејт департмент веќе го одобри можниот договор, при што посочената можна конечна цена е три пати повисока, 620 милиони долари.
Добавувачот треба да биде норвешката компанија „Конгсберг“, која работи заедно со американската „Рејтеон“.
Главните плаќања според идниот договор се закажани за периодот 2029–2030 година, а рокот за имплементација е до 2030 година. Проектот ќе биде финансиран од националниот буџет.