Бугарија целосно се затвори за македонските граѓани, влез само за исклучоци

Од среда, 19 јануари, се ограничува влезот во бугарија за сите таканаречени неесенцијални патувања


 

Поради влошената епидемиолошка  ситуација во Бугарија и во Европа, согласно најновата одлука на бугарското Министерство за здравство, изменет е режимот за влез и за државјаните на Република Северна Македонија, почнувајќи од 19 јануари. Притоа, се ограничува влезот за сите таканаречени неесенцијални патувања во земјата (во исклучоците спаѓаат медицински лица, хуманитарни работници, студенти, лица со регулиран престој, делегации и слично).

Министерството за надворешни работи на  Македонија е во постојана комуникација со надлежни институции во  Бугарија и колегите во бугарското МНР со цел замена на постојното решение кое може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји. До  стартот на имплементацијата на целосна забрана на 19 јануари, очекуваме напорите да вродат со плод, и постојното решение да биде заменето со нова одлука со која нашите државјани ќе можат да влезат во  Бугарија и за таканаречените не-есенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест,  и негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа.

Во било кој случај, условите за влез на малолетни лица од 12 до 18 години исто така се променети, и тие исто така ќе треба да ги приложуваат горенаведените документи при влез. За лица кои не ги почитуваат опишаните правила, следува 10-дневен карантин.

„Ги предупредуваме граѓаните кои планираат да патуваат во  Бугарија од задутре 19 јануари па натаму, внимателно да ги следат официјалните објави од Министерството за надворешни работи, со цел да не се доведат во ситуација да бидат вратени од страна на пограничните власти во Бугарија“, се вели во соопштението на МНР.