Бубрезите на Алексеј Навални се пред откажување по штрајкот со глад

Затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални е под зголемен ризик од откажување на бубрезите и видот му се влошува по повеќе од две недели штрајк со глад, соопшти во саботата синдикатот на лекарите кој е поврзан со опозицискиот политичар.
Навални (44), истакнат противник на рускиот претседател Владимир Путин, започна да одбива храна на 31 март во знак на протест против, како што рече, одбивањето на затворските власти да го третираат правилно за акутните болки во грбот и нозете.
„Неговата состојба е навистина критична“, рече Александра Захарова, претставник на синдикатот на Сојузот на лекарите – група која руските власти ја сметаат за опозициски активисти.
Таа ги наведе тестовите добиени преку адвокатите на Навални, велејќи дека членовите на синдикатот не ги прегледале самите.
„Ги видовме тестовите и тие се многу, многу лоши“, рече таа за Ројтерс.
„Неговиот калиум е висок и има и други високи вредности што покажуваат дека неговите бубрези наскоро може да откажат. Ова ќе доведе до сериозна патологија и може да се појави срцев удар“, додаде таа.
Русија го затвори Навални на две и пол години во февруари за прекршувања на условниот отпуст. Тој беше уапсен на границата додека се враќаше во Русија од Германија каде се опоравуваше од труење со нервен агенс.
Околу 80 познати писатели, актери, историчари, новинари и режисери, вклучувајќи ги и авторите Џ.К. Роулинг и Салман Ружди, во петокот му напишаа отворено писмо на Путин, во кое го повикуваат да се осигура дека Навални ќе добие итна медицинска помош што му е потребна.
Затворските власти велат дека му понудиле на Навални соодветен третман, но дека тој го одбил и инсистира на тоа дека треба да биде третиран од лекар по негов избор надвор од установата, барање што тие го одбиле.
Навални во петокот рече дека затворските власти се заканиле дека ќе го стават во врзана јакна за да го хранат насилно ако не се откаже од штрајкот со глад. (Ројтерс)