Бронзен медал за Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки


Македонската ученичка Сара Стефановска го освои бронзениот медал на Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025), која се одржа од 14 до 20 јули во Бон, Германија. Заедно со неа, Антонела Владева од Свети Николе доби олимписка пофалница, додека Елена Трифуноска од Тетово и Јагода Панова од Струмица имаа солидно претставување.

Како што соопштуваат од Здружението на информатичарите на Македонија, ова е трет последователен успех за македонските девојки на ЕОИД, со вкупно 8 медали досега – 1 сребрен и 7 бронзени.

Тимот беше предводен од д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од ФИНКИ, со поддршка од Здружението на информатичарите на Македонија.

На ЕОИД 2025 учествуваа 138 девојки од 38 европски земји, како и 85 натпреварувачки од држави надвор од Европа.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е натпревар во програмирање, наменет само за ученички – средношколки од државите во Европа, кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки.

Целта на ЕОИД е да го поттикне учеството и присуството на девојките во областа на информатиката, овозможувајќи простор каде што талентираните ученички можат да ги демонстрираат своите способности и да се натпреваруваат на меѓународна сцена.

Следната ЕОИД ќе се одржи во Италија во 2026 година, а македонските информатичари се подготвуваат за следниот голем предизвик – Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Боливија.