Бројот на туристите во Грција расте, но приходите се намалуваат


Рекорден број странски туристи ја посетиле Грција во 2023 година - 32,7 милиони

 

Грција забележа зголемување на бројот на туристички посети за 6,6 отсто во август, но приходите од секторот се намалени за 1,8 отсто во споредба со август 2023 година, објави грчката централна банка, цитирана од Франс прес.

За периодот јануари – август, бројот на туристи е зголемен за 9,9 отсто, а приходите се намалени за 3,2 отсто, се вели во соопштението на банката.

Грција, каде туризмот е водечки економски сектор, забележа 32,7 милиони странски туристички посети во 2023 година. Ова е зголемување од 17,6 отсто во однос на 2022 година и го подобри рекордот од 2019 година, кога медитеранската земја ја посетија 31,3 милиони туристи.

Минатогодишните резултати беа постигнати и покрај продолжениот топлотен бран и шумските пожари кои предизвикаа евакуација на илјадници туристи од популарните туристички острови Родос и Крф.

Владиниот портпарол Павлос Маринакис посочи дека во 2024 година се очекува Грција да пријави „нов рекорд“.

Министерството за туризам наскоро треба да објави детали за точната слика на летната сезона, односно за бројот на туристи кои пристигнуваат и за приходите, прецизира тој.

Сепак, мислењата на експертите во индустријата се поделени.

Најоптимистите не исклучуваат „корекција на бројките“ до зголемување откако ќе се вклучат податоците од септември, според веб-страницата moneyreview.gr.

Сепак, други аналитичари се на мислење дека има „нов тренд“ во секторот: „луѓето земаат помалку слободни денови и трошат помалку пари“, што особено важи за граѓаните од северните земји, кои претставуваат најголем дел од туристите во Грција според moneyreview.gr.

Според Националната опсерваторија на Атина, летото 2024 година било најжешкото досега во Грција, а август бил вториот најтопол месец по август 2021 година.

Овие климатски услови влијаат и на должината на престојот на странските туристи во Грција, забележува moneyreview.gr.