Бројот на повредени лица во Ливерпул, каде автомобил удри во фудбалски навивачи, се искачи на 65

Шеесет и пет лица се повредени во вчерашниот инцидент во Ливерпул, североисточна Англија откако автомобил удри во толпа навивачи на англискиот фудбалски клуб Ливерпул кои ја славеа титулата шампион во Премиер лигата.
Возачот на автомобилот, 53-годишен Британец, е уапсен под сомнение за обид за убиство, опасно возење и возење под дејство на дрога, соопшти полицијата.
Околу 50 лица добиле медицинска помош во болниците, а 11 лица биле примени во медицински установи и се во стабилна состојба, соопштија властите. Претходно, градоначалникот на Ливерпул, Стив Ротерам, соопшти дека четворица повредени лица се уште се во сериозна состојба.
Возачот успеал да ги заобиколи полициските блокади следејќи ја амбулантната кола која брзала да му помогне на човек кој имал срцев удар. Градоначалникот на градот, Стив Ротерам, рече дека автомобилот не требало да биде на улицата и дека „големото прашање“ е како се случила несреќата.
Полицијата соопшти дека не го третира инцидентот како терористички напад и не бара соучесници или други осомничени. Полицијата во Велика Британија обично не ги открива имињата на осомничените сè додека не бидат обвинети.