Бројот на починати од корона во Русија за прв пат надмина 900 во еден ден
МОСКВА – Дневниот број на смртни случаи на корона вирус во Русија надмина 900 во средата за прв пат во пандемијата, рекорд што доаѓа во услови на ниска стапка на вакцинација во земјата и неподготвеноста на владата да воведе строги ограничувања за контрола на нови случаи.
Руската државна работна група за корона вирус во средата објави 929 нови смртни случаи, четврт рекорд овој месец. Претходниот рекорд од 895 смртни случаи беше регистриран во вторникот. Русија веќе има најголем број жртви во Европа во пандемијата со над 212,000 луѓе, но некои официјални податоци сугерираат дека тоа е потценета бројка.
Работната група, исто така, објави 25.133 нови потврдени случаи во средата.
Порастот на инфекции и смртни случаи започна кон крајот на септември. Кремљ тоа го објасни со фактот дека има премалку Руси кои се вакцинирале. До вторникот, 33% од 146 милиони луѓе во Русија примиле барем една доза од вакцина против корона вирусот, а 29 отсто се целосно вакцинирани.
И покрај напливот, владините претставници ја отфрлија идејата за воведување заклучување и рекоа дека регионалните власти ќе преземат чекори за да го спречат ширењето на вирусот.
Голем број руски региони имаат ограничено присуство на големи јавни настани и ограничен пристап до театри, ресторани и други места на луѓе кои се вакцинирани, неодамна оздравени од Ковид-19 или тестирани негативно во претходните 72 часа.
Во некои региони, огромниот, но силно недоволно финансиран здравствен систем на Русија, почна да покажува знаци дека е преоптоварен со заразата.
Руските медиуми објавија дека пред болниците во Санкт Петербург уште еднаш се формираа долги редици возила на брза помош. Наводно, една очајна екипа на брза помош во градот Владимир, 180 километри источно од Москва, возела пациентка со Ковид-19 до зградата на локалната власт, откако не успеала да најде болнички кревет за неа.
Во вторникот, претседателскиот претставник во областа Уралски Планини – дел од централна Русија што опфаќа шест региони – рече дека 95% од болничките кревети за пациенти со ковид таму се пополнети.
„Ситуацијата е многу тешка“, изјави Владимир Јакушев, цитиран од новинската агенција Интерфакс.
Генерално, работната група за коронавирус во Русија објави повеќе од 7,6 милиони потврдени случаи и повеќе од 212.000 смртни случаи. Но извештаите на руската државна статистичка служба за бројот на смртни случаи поврзани со корона вирусот ретроактивно открива многу поголем број на смртност. (АП)