Британија: Пристигнати шест милиони барања за престој од граѓани на ЕУ
Англија– Шест милиони луѓе поднеле барање за статус за престој преку Системот за регистрација и престој на државјани на ЕУ (EU Settlement Scheme) пред крајниот рок на 30 јуни, соопштија денеска властите во Велика Британија.
Откако ја напушти ЕУ и го заврши преодниот рок кон крајот на минатата година, Велика Британија започна да воведува нов имиграциски систем. Граѓаните на ЕУ кои можат да докажат дека работеле во Велика Британија пред 31 декември минатата година, ќе го задржат правото на работа, студирање и некои услуги.
До 30 јуни се примени 6,02 милиони апликации, од кои 5,45 милиони се заклучени, покажуваат податоците.
Од заклучените барања, четири проценти биле одбиени, повлечени или неважечки. На останатите им е прифатено барањето и го задржуваат правото на престој.