Брисел ужаснат и гневен: Барние од главен преговарач на ЕУ стана анти-ЕУ


Пријателите, колегите и непријателите на Мишел Барние го поставуваат истото прашање за поранешниот главен преговарач на ЕУ за Брегзит: Дали го загуби умот?

Барние, францускиот политичар ветеран кој освои големо признание за зачувување на единството на ЕУ во текот на спорниот процес за Брегзит, сега е кандидат на републиканците, неговата десноцентристичка конзервативна партија, за претседател на Франција. Во четвртокот, на партиски настан, Барние покрена жестока политичка  бура со изјавата дека „правниот суверенитет“ на Франција е „загрозен“ од ЕУ и потоа  повика на „референдум за прашањето за имиграцијата“.

Барние ставот за миграциската го сврте кон десно уште минатиот јули, но неговото тврдење дека суверенитетот на Франција е нарушен од страна на Судот на правдата на ЕУ е особено тешко, затоа што е како ехо на главниот аргумент изнесен од приврзаниците на Брегзит кога  притискаа Обединетото кралство да ја напушти ЕУ. Реакции дојдоа многу нрзо, особено од Франција, Брисел и Велика Британија.

„Дали тој поминуваше премногу време со Борис Џонсон?- Натали Лоизо, француска пратеничка во Европскиот парламент и членка на партијата на претседателот Емануел Макрон,  праша на Твитер. 

Во интервју за Телеграф, Најџел Фараж, шампион за Брегзит и поранешен британски пратеник во Европскиот парламент, го нарече Барние „најголемиот лицемер што некогаш се родил“. Хипокризијата, се разбира, е прашање во кое има завидна  експертиза  Фараж, кој со години луто зборуваше против блокот додека заработуваше плата од ЕУ, па дури и по Брегзит ќе зема пензија од ЕУ (финансирана делумно од Велика Британија) до крајот на својот живот.

Меѓутоа, Фараж едвај беше сам. „Ова е иронично до крајност“, твитна Симон Кларк, пратеник од ториевците. „Барние да проповеда за националниот суверенитет како одбрана од премоќната ЕУ и Европскиот суд за човекови права“.

Друг пратеник од ториевците, Мајкл Фабрикант, беше слично навреден и сугерираше дека Барние создава простор за Frexit – заминување на Франција од ЕУ.

„Ова го одзема здивот! Лицемерие! “, твитна тој. „Истиот Мишел Барние кој за време на преговорите за Брегзит се обиде да ја омаловажи УК затоа што бара контрола над нашите судови и нашите граници. Сега истото го сака и за Франција. ”

Јерг Мејтен, лидерот на популистичката, екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија во Европскиот парламент, сугерираше дека Барние „треба да и се придружи на десничарската Идентитет и демократија [фракција], бидејќи истото тоа групата долго време го проповеда“.Според него, „најверојатно, прекумерниот контакт со Британците го претвори поранешниот убеден Европеец во разумна личност која ги почитува земјите -членки“.

Неочекуванитебројни коментари против  Барние имаат логика во контекст на предизборната кампања за претседател на Франција, во која Барние се најде во тесна трка со пет конзервативни кандидати, при што секој од нив се обидува да се разликува со надеж дека ќе ја добие шансата да се кандидира против Макрон и кандидатката од крајната десница, Марин Ле Пен. Според неодамнешните анкети, Барние, и покрај неговиот славен Брегзит, се наоѓа зад Ксавиер Бертран, поранешен министер и Валери Пекрес, актуелниот претседател на регионот Ил-де-Франс.

Но, дури и некои француски политички инсајдери кои добро ја разбираат динамиката на претседателската трка рекоа дека се зашеметени од коментарите на Барние и неговиот обид да се трансформира во тврд десничар. Многу француски европратеници и други жалат што еден човек од „калибарот“ на Барние изгуби контакт со реалноста и се чини дека дејствува од чист политички опортунизам. Центристичка европратеничка рече дека ширум ги отворила очите од запрепастеност  кога ги видела коментарите на Барние објавени на Твитер. „Одеднаш се сетив на сериозниот, прагматичен и умерен човек кога беше еврокомесар за финансиски услуги“, рече европратеничката.

Друг француски европратеник, кој не сакаше да биде именуван, рече дека коментарите на Барние се „доказ за токсичниот карактер на прелиминарните избори. Има неколку кандидати кои длабоко во себе веруваат во истите работи … но се должни да се истакнат. Завршуваат како на саем за колбаси “.

Официјален претставник на Европската комисија близок до Барние рече дека твитот е „прилично поедноставен“. Службеникот истакна дека Барние даде слични – и подеднакво контроверзни – коментари за намалување на имиграцијата уште во јули, и рече дека новите изјави се само повторување на истото.

„Тој зборува се разбира за миграциското прашање и можноста за кршење на правилата во однос на обединувањето на семејствата“, рече претставникот на Комисијата. „Тој веќе го кажа тоа во колумна објавена во Фигаро на крајот на јули“.

Но, забелешките на Барние во четвртокот, всушност, отидоа значително подалеку бидејќи го посочија Судот на правдата на ЕУ како опасност за националниот суверенитет. На партискиот настан, Барние рече: „Не можеме да го направиме сето ова без да го вратиме нашиот правен суверенитет, без да бидеме трајно загрозени со пресуда или осуда на ниво на Европскиот суд на правдата или Европската конвенција за човекови права, или со толкување од нашите сопствени судски институции.И ова е причината зошто за време на првиот круг од законодавните избори ќе предложиме услови за референдум што ќе се организира во септември следната година, со две цели: парламентарна контрола врз квоти на имигранти секоја година и конечно опоравување преку уставниот штит на нашата слобода за маневрирање и толкување на теми поврзани со имиграцијата “.

Само споменувањето на референдумот беше доволно за да ги направи бесни и ужаснати противниците на Брегзит во ЕУ. Но, републиканците беа толку горди и импресионирани од говорот што твитнаа буквално голем дел од забелешките на Барние, но за кратко време потоа го избришаа. Самиот Барние потоа се надоврза со пората на Твитер што сугерираше дека целата работа е прекумерна. „Да останеме смирени“, повика тој.

Во Брисел, вознемиреноста беше очигледна и беше јасно дека некогаш почитуваниот главен преговарач ја стави во опасност неговата репутација и неговото наследство. На редовната попладневна прес-конференција на Комисијата, главниот портпарол, Ерик Мамер, кој е Французин, се повика на две долгогодишни политики: да не коментира коментари ,ниту да интервенира во националните изборни кампањи.

„Како што знаете, ние никогаш не коментираме коментари од поединци, особено во контекст на национална политичка дебата“, рече Мамер.

Сепак, забелешките на Барние јасно претставуваа нож во синото и жолтото срце на ЕУ, така што Мамер не можеше, а да не додаде свои оценки за правниот авторитет на ЕУ во областа на азилот и миграцијата.

„Нашата позиција за приматот на правото на ЕУ е позната и се однесува на сите области каде што има законодавство на ЕУ“, рече тој. „А, договорите се исклучително јасни: управувањето со азилот и миграцијата е заедничка надлежност помеѓу Европската унија и земјите -членки, за што е надлежен Европскиот суд на правдата. Потребни се заеднички европски решенија и тоа е она што Комисијата го предложи во новиот пакт за миграција и азил “.

Продолжувајќи го своето долгогодишно некоментирање, Мамер рече: „Комисијата не одредува квоти за миграција, со оглед на тоа што ова останува во надлежност на земјите-членки. А што се однесува до Европскиот суд за човекови права, тој е  основата на повоена Европа и е гарант за основните права на нашиот континент. Европскиот суд за човекови права ги води принципите и вредностите врз кои е основана Европската унија. Сите земји -членки се потписници на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.“

Ако Комисијата очигледно немаше што да каже за ова прашање, многумина во другите институции не можеа да го сокријат гневот поради предавството на човекот кој со години преговараше со Британците кои ја сакаа нивната „торта“ и сакаа да ја изедат, предупредувајќи постојано дека не може да се одберат придобивките и привилегиите од членството во ЕУ, а да се игнорираат обврските на земјите-членки, со постојано инсистирање на неприкосновените права на Европската унија според нејзините договори.

 Ираксе Гарсија, шпански европратеник и лидер на социјалистичкиот блок, потсети на Твитер дека „еминентни Французи предложиле да се воспостави приматот на правото на ЕУ за изградба на мировен проект во Европа, базиран на доверба и солидарност. “ Таа додаде: „Штета е што Барние повеќе не верува во тоа“.

Дипломат од ЕУ изјави дека е очигледно дека Барние се обидува да привлече внимание во претседателската кампања во која влезе со мала енергија и импулс, а можеби со уште помали шанси за успех.

„Дечкото е ирелевантен во Франција“, рече дипломатот. „Тој е шега. Треба некако да се позиционира и мислеше дека ова ќе му помогне. Но, нема да му донесе ништо “. 

(Политико)