„Брегзит“ мигранти  ја напаѓаат границата на Македонија


Мигрантската Пандорина кутија повторно се отвора, беше речено на расправата на Националната конвенција за ЕУ за Република Северна Македонија, на тема „Безбедноста на границите низ призмата на различни миграциски бранови“, организирана од Европското движење. Според податоците што ги изнесе советничката за миграции и за бегалци на ОБСЕ, Марија Дебенито Родригез, од јануари до ноември годинава биле регистрирани дури 19.658 обиди за илегални преминувања во Македонија, или над 100 отсто во однос на претходната 2017 година, кога биле регистрирани само 7.808, а една година пред тоа 2.430. Она што е интересно, е дека се регистрира своевиден „Брегзит мигрантски“ феномен, односно државјани на Пакистан, Бангладеш и Индија во засилен број се обидуваат да влезат во Европа, за да стигнат до Велика Британија пред таа да излезе од ЕУ.

Како што надеве Родригез, над половина од обидите за илегално преминување на нашата граница отпаѓа токму на Пакистанците, жителите на Бангладеш и на Индијците, што не беше случај досега. Втората зголемена група мигранти доаѓа од земјите на МАГРЕБ (Мароко, Алжир и Еритреја) кои од економски причини и за да ја избегнат силната контрола на Медитеранот поминуваат низ Балканот до Европа. Огромно е зголемен и бројот на Авганистанците кои се обидуваат илегално да преминат, па и драстично во однос на тие што доаѓаат од Сирија- 3.633 наспроти 240 од Сирија. Од нив 322 поднеле барање за азил

-Има мигранти кои се обидуваат и по 15 пати да ја поминат границата илегално и бараат помош од нас потоа. Драстично е зголемен нивниот број, оцени Сандра Томовска од Црвениот Крст на Скопје, кој со свој мобилен тим и постојани екипи во камповите и присутен нон стоп во овој регион.

-Вниманието на меѓународната заедница е пренасочено на други области, а  проблемот со мигрантите ни се отвора повторно, при ограничени ресурси, оцени таа нагласувајќи дека и покрај почетокот на зимата, ноември бил турбулентен, бидејчи згрижиле повеќе мигранти отколку во целата 2017 година.

-Овие процеси нема да запрат, сметаше Сашо Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност кое е одговорно за контролирање и на границата од внатрешна страна.Според него, поучени од искуството од 2015 година, ова прашање добило приоритет и постојано се продолжува одлуката за прогласување кризна состојба, се подобрува технолошката опременост и се јакне меѓународната соработка, посочувајќи ја како пример за ефективност меѓународната операција  на јужната граница со учество на осум земји, од кои седум од ЕУ.

Весна Маринковиќ, регионален офицер за врски со Западен Балкан на ФРОНТЕКС, посочи дека нов проблем создава безвизниот режим што Србија го дава за граѓаните од Иран и тој што им го дава Турција на некои африкански земји, особено на тие од МАГРЕБ. Таа го најави потпишувањето на новиот статусен договор на ФРОНТЕКС со нашата земја идната година, кој ќе овозможи  дополнителни активности на оваа агенција за гранична контрола на ЕУ на наша територија и на границата кон Албанија и кон Србија. Иако сите соговорници на расправата ја посочија соработката со ФРОНТЕКС како клучна во справувањето со бегалците, се посочија и проблеми , па и недовеба кон некои нејзини политики. Така,  Стојче Чоклевски од МВР забележа дека системот за земање отисоци од прст во Македонија не е компатибилен со тој на ЕУ и по форматот (нашиот е како на американските безбедносни служби и ИНТЕРПОЛ) и по намената, бидејќи европскиот се однесува на барателите на азил, а нашиот се применува за идентификација на мигрантите.

-ФРОНТЕКС наметнува идеја за формирање таканаречен BALKANDAC,по урнекот на  EURODAC, дата база за отисоци на прсти во ЕУ. Таа мрежа е прифатена од земјите во регионот, но истата не нуди можност за наш пристап до нивната.Ова е замка за нас бидејќи тие ќе знаат кои мигранти биле регистрирани тука и ќе ни ги враќаат, а ние не ќе можеме да ги враќаме во Грција. Во ова нема зла намера но сепак видливо е дека ЕУ се однесува патерналистички место рамноправно кон ова прашање“, забележа Чоклевски од МВР.

Сандра Томовска пак  посочи дека за пет години , од големата криза, сме станале експерти за справување со мигранти, но сепак некои проблеми и натаму не се надминати, како обезбедување преведувачи и жени полицајки.  Беше отворено и прашањето со реадмисијата, при што беше посочено дека клучни пречки се утврдувањата на идентитетот на мигрантите, немањето или несоработката на дипломатските преставништва на нивните земји, трошоците околу нивното враќање и слично. Преставничката на ФРОНТЕКС Маринковиѓ посочи дека и во ЕУ се соочуваат со истите, плус и дополнителните проблем со злоупотреба на процедурите на азил и со слобофното движење во Унијата за мигрантите, и дека едно враќање ги чини од 5.000 до дваесетина илјади евра. Таа нагласи дека ФРОНТЕКС не може да учествува во заеднички операции за враќање на мигрантите од Балканот.

Александар Нацев од Европскиот универзитет го отвори проблемот со тероризмот и како што рече фактот дека радикализирани Европејци незабележано се вратиле назад  користејќи се со фиктивни патни исправи и со напливот на мигранти, а тоа им го овозможило недоволното споделување на информации меѓу земјите во Европа. Никола Мирчевски, началник на Одделението за гранична безбедност, оцени дека управувањето со границата е многу повеќе од гранична контрола и дека во тоа е потребно вклучување на  сите институции, споменувајќи ја соработката дури и со Министерствата за земјоделство. Освен предностите од одлуката за кризна состојба од 2015 година, тој ги наброја и мешаните патроли на границата, воспоставените контакт центри со сите соседни земји, регионалните иницијативи  и видео конференциите на редовна основа со ЕК за размена на анализи и проценки.