Сте слушнале ли за „кожара“, „којче“, „аламанка“, „сулија“, „ерибасма“, „тупњак“?


Знаеме ли за „кожара“, „којче“, „аламанка“, „сулија“, „ерибасма“, „тупњак“?
А за „златен делишес“, „грени смит“ или „пинк лејди“?
Се чини дека попознат е призвукот на овие вторите.
 
Зачувувањето на старите локални сорти на овошки беше во фокусот на проектот што го спроведувавме во регионите Малешево и Беласица, од ноември 2024 година досега. Го заокруживме со завршната работилница што се одржа на 18 април во Едукативен центар за зачувување на природата во с. Негрево, на која беа прикажани и применети техники за резидба и ревитализација на стари овошни сорти, директно на стеблата во дворот на Центарот.
 
Иако се исклучително важни за биолошката разновидност, културното наследство и традицијата, автохтоните овошни сорти денес се сè поретки и најчесто опстануваат како поединечни стебла или во запуштени овоштарници. Наспроти нив, производителите се ориентираат кон модерни, комерцијално исплатливи сорти, а системската поддршка за зачувување сè уште недостига.
 
Сепак, теренската работа покажа дека локалните заедници и ден-денес поседуваат вредно традиционално знаење и интерес за нивно зачувување, што претставува важна основа за нивна ревитализација.
 
Поврзувајќи го традиционалното знаење со научниот пристап, проектот резултираше со
првата база на податоци и карта со над 80 идентификувани и GPS-обележани автохтони овошни стебла во Малешево и Беласица. Воедно, се воспостави локална акциона група која, преку работилници, теренски обуки и учество на локални настани и саеми, го вклучи и обучи локалното население за препознавање на сорти и примена на основни техники на калемење. А беа промовирани и традиционални производи од автохтони сорти, како и нивниот потенцијал за развој на зелени работни места и локални бизниси.
 

Проектот се спроведе во партнерство помеѓу Македонското еколошко друштво, ЗГ „Амброзија“ и „Биометра (Бугарија), со поддршка од EuroNatur (Германија) преку програмата BESTbelt, финансирана од Европската комисија.