ФЗОМ тврди дека нема здравствено неосигурани лица, без разлика дали остваруваат приходи
Во однос на изнесените ставови во јавноста за неопфатеност на категории на граѓани во
здравственото осигурување, споделуваме точни и целосни информации за опфатот на
осигуреници.
Македонија е дефинирана како социјална држава, а согласно Законот за здравствено
осигурување постојат повеќе основи за задолжително здравствено осигурување, со што
системот е поставен инклузивно и социјално одговорно. Обезбедено е здравствено
осигурување и за лицата кои не остваруваат приходи и не можат да се осигураат по ниту
еден друг основ – при што трошоците за нивното осигурување ги покрива државата преку
програма во Министерството за здравство.
Во моментов во Македонија има 1.836.667 осигуреници, од кои 470.774 осигуреници или
секој четврти (25%) се лица кои не остваруваат приходи. Тезите дека одредени категории
граѓани се оставени без здравствена заштита не се точни.
Воедно во моментот се работи на три реформи на здравственото осигурување.
Работна група на Фондот, Министерството за финансии, Министерството за здравство и
УЈП, работи на критериумите за лицата кои не остваруваат приходи, каде е фокусот на
две групи проблеми: осигурениците што непосредно останале без работа и осигурениците
кои имаат непријавени приходи (сива економија, работа во странство).
Владата, Фондот и УНИЦЕФ ги анализираат потребите и можностите за независно
здравствено осигурување на малолетни лица до 18 години.
И трето, во финална фаза е подготовката на ново законско решение од страна на
Министерството за социјална политика, демографија и млади, со активно учество на
Фондот за здравствено осигурување. Со ова законско решение ќе се опфатат лицата кои
работат во флексибилни форми на ангажман.
