„Злато си, честам ручек“ – му пишала поранешната антикорупционерка на колегата кој полагал во нејзино име


Татјана Димитровска (Фото: Б. Грданоски)

„Ај честито и злато си, честам ручек“, му напишала поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска на колегата Миле Столевски, кој во нејзино име полагал испит за да добие сертификат со највисок степен на доверливост.

Пораката е една од оние што денеска ги презентираше Обвинителството пред судот.

Според доказите презентирани пред судот, Димотровска му ги дала своите корисничко име и лозинка, за ревизорот Миле Столевски да полага во нејзино име. Тој според пораките, ја известувал дека ќе седне да полага, на што Димитровска му возвратила „Ради ДКСК, ај со среќа“.

Димитровска е обвинета за компјутерски фалсификат и оддавање службена тајна.

Димитровска во судскиот процес против неа се изјасни дека не се чувствува виновна.