Ученици од скопските училишта смислуваа иновативни решенија за еколошки проблеми


Повеќе од 230 ученици под водство на наставници – ментори, во 43 тимови, денеска смислуваа решенија за еколошки проблеми, а на крај на настанот најдобрите ќе бидат наградени.

Денес по повод 21 април, Денот на иновативноста и креативноста, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво ИНОВА, организира настан под наслов Зеленикс – од предизвик до иновација.

На настанот учествуваат повеќе од 230 ученици од 22 основни училишта од Скопје со 50 нивни ментори, наставници од самите училишта, поделени во 43 тимови.

– Идејата е да ја разбудиме креативноста и иновативноста кај младите, претприемачкиот дух и да ги поттикнеме иновативно. Денеска предизвикот е да најдат некој еколошки проблем и да смислат конкретно решение, односно иновација, како истото можеме да го надминеме и решиме, кадешто од нашата Агенција беа формирани стручни тимови коишто ќе ги оценуваат тие конкретни решенија и ќе се добијат награди во три категории: најиновативно решение, најапликативно решение и најдобар тим – рече директорката на ИНОВА Даниела Димовска.

Според министерката за образование Весна Јаневска, целта е да се стимулираат младите да создаваат решенија што го олеснуваат животот на луѓето, без да ѝ наштетат на природата.

– Да се фокусираат на поголема грижа за здравјето, посилна заштита на животната средина, справување со климатските промени, но и унапредување на образованието и економијата. Тоа значи да помогнат во изнаоаѓање одговори на најголемите предизвици на 21 век“, рече Јаневска.

Министерката потенцираше дека енергијата, љубопитноста, креативноста и иновативноста се најсилните одлики на младоста, а улогата на креаторите на политики и на наставниците е да ги поддржат и насочат младите кон нивно искористување на вистински начин. Денешниот настан е одлична иницијатива на новата државна институција – ИНОВА и се организира токму со таа цел.

 – Промените во образованието се интензивирани. Нашата цел не е да имаме само поединечни таленти, туку да создаваме цели генерации креативни и инспиративни млади луѓе. Генерации кои ќе покажуваат грижа за општеството, ќе создаваат нови вредности и активно ќе учествуваат во обликувањето на иднината. Затоа, во наставните програми и учебници се става силен фокус на критичкото размислување, креативноста и иновативноста. Училиштата се опремуваат со лаборатории, се организираат натпревари за знаење и вештини, а континуирано се зголемуваат инвестициите во науката и истражувањата. Се отвораат и нови можности за учество во меѓународни програми како Хоризонт Европа, Еразмус+ и ЦЕЕПУС – рече Јаневска.

Министерката ги повика младите да бидат креативни и посветени, затоа што, како што рече и од нив се очекува одговорност и придонес кон решавање на заедничките предизвици.