Бразил предупредува: Ако може, одложете ја бременоста за подобри времиња


 

Медицинските официјални лица во Бразил ги предупредија жените да ја одложат бременоста додека не помине најлошиот бран од пандемијата од корона вирус, затоа што сметаат дека варијантата која е присутна во оваа јужноамериканска земја, многу повеќе влијае на идните мајки отколку основната варијанта на корона вирусот, пишува Гардијан.

Оваа препорака доаѓа затоа што Бразил е еден од глобалните епицентри на пандемијата од корона вирус.

„Ако е можно, одложете ја бременоста за подобри времиња“, рече во петокот вработен во Министерството за здравство на Бразил, Рафаел Паренте.

Тој појасни дека препораката е издадена поради оптовареноста на здравствениот систем, но и поради тоа што клиничките искуства покажуваат дека бразилскиот сој на корона вирусот, познат како П1 поагресивно делува кај трудниците.

Во Бразил, болниците се преоптоварени, а залихите на лекови потребни за интубирање на тешки пациенти алармантно се намалуваат.

Сојот П1, прв пат е откриен во амазонскиот град Манаус и брзо стана доминантен во Бразил. Се смета дека тоа е главна причина за големиот борј заразени и починати во таа земја. Бразил, по бројот на починати од корона вирус е на второ место во светот по САД.

Во таа земја, корона вирусот се повеќе ги погаѓа помладите, а податоците покажуваат дека во март повеќе од половина од сите пациенти на интензивна нега биле на возраст од 40 или помалку години.