Бонуси за капитални инвестиции – вовед во корупција?


Тунелот Демир Капија-Смоквица (Фото: Б. Грданоски)

Дали паричната награда е „волшебното стапче“ што ќе ги поттикне надлежните во државните органи поревносно да го работат она што е дел од нивните работните обврски и на таков начин да се реализираат предвидените капитални расходи? Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека луѓето од државниот апарат треба парично да се наградат доколку успешно ги реализираат капиталните инвестиции. Според него, на таков начин административците ќе бидат повеќе мотивирани за да се постигне поголем степен на реализација на овој вид трошоци предвидени во државниот буџет, кои инаку потфрлаат традиционално секоја година.

„Јас сум убеден дека во овој момент многу малку луѓе се мотивирани да реализираат сериозно големи капитални инвестиции, а денес луѓето се мотивираат со пари. Потребни се исклучително квалитетни законски измени да може луѓето кои што ќе имаат успешна реализација на тие капитални инвестиции, без разлика што се дел од државниот апарат, во иднина да бидат некако финансиски мотивирани“, рече Мицкоски во дебатната емисија Топ тема на Телма во средата. Покрај мотивацијата на вработените државни службеници, тој ги посочи и законските рестриктивни ограничувања, како и капацитетот на постојната Влада, која, како што вели, нема ниту човечки капацитет, ниту пак било каква визија да ги реализира капиталните инвестиции.

Стопанствениците постојано се жалат дека потфрлањето во реализацијата на капиталните инвестиции им нанесува штета. За нив, како што нагласуваат, е многу важно капиталните инвестиции да се реализираат колку што било предвидено со буџетот, бидејќи откако ќе бидат најавени одредени проекти тие ги планираат своите активности во своите бизнис планови. Но, дали овој предлог е решение за долгогодишниот проблем?

Според универзитетскиот професор Ванчо Узунов, одговорот категорично е „Не“.  Напротив, тој смета дека ваквата практика, доколку се спроведе, ќе има далекусежни последици државните службеници да се договараат со фирмите со цел да се подели таквата награда.

„Веднаш ќе ви кажам, тоа на мала врата е вовед во корупција, под многу фина обланда за стимулирање на државните службеници“, вели професорот Узунов. Според него јавната администрација може да се стимулира на други начини за поквалитетно извршување на работните задачи – на пример, преку учество на семинари или конференции во земјата и во странство.

Тој вели дека и на други места ја слушал оваа идеја, но додава дека таа во основа го меша менаџирањето кај претпријатијата со менаџирање во јавната администрација што се две сосема различни работи.

„Едно е менаџирање со фирма, а сосема друго менаџирање во јавната администрација. Ако тие две работи се измешаат, се добива еден вид травестија. Впрочем, ако некој во јавната администрација сака да работи според други принципи, никој не го спречува да се испроба во приватниот сектор и да биде бизнисмен“, вели професорот Узунов.

Мицкоски во дебатата рече дека една од причините за ниското ниво на капитални расходи лежи и во членот 353 од Кривичниот закон, од кој, како што посочи, „луѓето практично имаат уплав, затоа што денес секоја втора кривична пријава е злоупотреба на службена положба“.

„И треба да имаат уплав“ вели професорот Узунов. Тој се согласува дека станува збор за одредба која што може да се толкува растегливо, но дека решението не е во нејзиното укинување, туку во допрецизирање преку подзаконски акти што се смета, а што не за добра практика.

Покрај загубите за одделни фирми, кои сметале дека може да добијат дел од ваквиот „колач“, слабата реализација на капиталните инвестиции има последици и врз целокупното стопанство, велат економистите. Тоа се одразува врз помали стапки на економски раст, а посредно и врз конкурентноста на македонската економија, бидејќи подобрата инфраструктура позитивно влијае и врз економските перформанси на домашното стопанство и ги зголемува шансите за извоз.  (M.Ј.)