Болен пораз за конзервативците од ЕПП: Европскиот парламент го поддржа законот за природата

Исходот на гласањето беше тесен. Тој претставува и личен неуспех на лидерот на ЕПП, Манфред Вебер


 

Пратениците на пленарната седница на Европскиот парламент денеска гласаа за новите правила кои имаат за цел да ги обноват деградираните екосистеми на блокот, нанесувајќи им голем удар на конзервативните европратеници кои се залагаа за „убивање“ на законот.

Конзервативната Европска народна партија (ЕПП) не можеше да добие мнозинство за да гласа против нацрт-законот, при што коалицијата на европратеници од Социјалистите и демократите, Левицата, Зелените и Обнови ја Европа застанаа заедно во поддршка на предлогот.

Гласањето беше исклучително тесно, со 336 гласа „за“, 300 „против“ и 13 воздржани.

Европратениците претходно, исто така, го отфрлија повикот на ЕПП за целосно отфрлање на регулативата за обновување на природата и испраќање на Европската комисија назад да го драфтира законот, со 324 гласа против, 312 за и 12 воздржани.

Исходот означува голем пораз за ЕПП, која водеше жестока кампања против законодавството со поддршка на Европските конзервативци и реформисти, екстремно десничарската група Идентитет и демократија и некои членови на либералната група Обнови ја Европа. Ова е и личен пораз на шефот на праламентарната група на ЕПП, Манфред Вебер, кој е и претседател на ЕПП. Мнозинството пратеници застанаа за претседатлката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која исто така е дел од ЕПП, но го поддржува законот за природата.

ЕПП и нејзините сојузници тврдеа дека предлогот – чија цел е обновување на најмалку 20 проценти од деградираните екосистеми до 2030 година – ќе ја уништи егзистенцијата на земјоделците, ќе го одземе земјиштето од производство, ќе ја загрози безбедноста на храната и ќе ги блокира новите проекти за обновлива енергија. Научниците и Комисијата ги отфрлија тие аргументи.

Извештајот усвоен од европратениците ја приближува позицијата на Парламентот до онаа што ја усвоија земјите од ЕУ минатиот месец. Амандманите за зголемување на вкупните цели за обновување на најмалку 30 отсто од деградираните екосистеми до крајот на деценијата, наместо 20 отсто како што беше предложено од Комисијата, не успеаја да поминат.

Парламентот сега ќе може да започне меѓуинституционални преговори со земјите од ЕУ. Шпанското претседателство со Советот веќе сигнализираше дека досието ќе биде еден од неговите приоритети.