Бојмацалиев ги бранел нападнатите во Собранието, Тошковски ги бранел напаѓачите


Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев спомна по што се разликува од Панче Тошковски. Тој во гостување на утринска програма на Клан вели дека ги бранел вработените во Собрание на 27 април, а Тошковски пак, за разлика од него оние кои нападнале.

„Јас секаде спомнувам неколку примери каде сме биле јас и Тошковски во различни ситуација. Еве на пример јас на 27 април јас бев вработен во Собрание, еден од тие во прес-салата. Тошковски пак беше еден од адвокатите кои ги бранеше тие на 27 април. Така што и од приватна и од професионална гледна точка сме многу различни“, рече тој на ТВ гостување.

Запрашан за тоа дали некој некого опструира во МВР, тој одговори негативно. 

„Знаете, со доаѓањето на техничката влада се створи слика дека претходно  Спасовски ништо не направил со тоа, се почнало со Панче Тошковски, тој го решил проблемот иако тој велеше дека нема магично стапче. Тоа беше една лажна вест која се пласираше во јавноста дека нема обрасци, дека има хаос, дека некој некого опструира. Ме критикуваа дека ги пречекав обрасците на граничен премин Богородица, ама има многу луѓе на кои им ја поништив лажната вест дека нема обрасци. Имаше и ќе има. Тендерот кој го спроведуваме од 2019 е направен токму од Спасовски, овие лични карти се први кои денес ги добиваме од новиот тендер исто така спроведен од Спасовски. Никој никого не опструира. Ова секаде го кажувам, ние со Спасовски како тим водевме грижа за секоја работа”, рече Бојмацалиев, појаснувајќи дека и салата Пролет и денес функционира како и порано.

„Во август, септември кога луѓето не се појавуваа на термин, тогаш ја отворивме салата „Пролет”. Истата таа сала и денес функционира. Таа сала ако се сеќавате ја нарекуваа хангар, логор, не знам какви погрдни зборови. Ништо не сменија два месеци, продолжија во истата сала. Едни се констатациите кога сме надвор од системот, други се кога сме внатре. Кога сме ние во системот се е добро, кога сме надвор ништо не чини, ама кога ќе влеземе внатре истите ресурси ќе ги користиме кои Спасовски ги направил, иако тој не водел грижа. Тоа се тие лажни вести, се трудам попластично да објаснам граѓаните да разберат. Истите ресурси, истите луѓе што Спасовски ги создал  ден денеска ги користиме и граѓаните добиваат услуга. Овие 400.000 обрасци од саботата се во магацините на МВР. Тоа е континуирана испорака,  во нормални услови не сме соопштувале, но во време на лажни вести одлучив дека секоја нарачка ќе ја соопштуваме во јавноста за да знаат граѓаните дека МВР работи бидејќи имаме изграден систем”, рече Бојмацалиев.

Околу убиството на малата Вања Ѓорческа тој рече дека сите биле потресени.

-Тоа е еден таков немил настан што во последните 30 години не паметиме како граѓани, но во целата таа неубава случка која се случи македонската полиција постапи професионално, навремено и брзо, рече дополнителниот заменик министер за внатрешни работи.

Тој додаде дека во рок од неколку дена беа спроведени и нарачателите и луѓето кои го спроведувале.

„Тошковски нарача ревизија на целиот случај и обелоденивме во јавноста, пред две недели дека против никого од колегите нема дисциплински поднесок. Што значи тоа? Тоа значи дека сите колеги во тој период постапиле навремено, професионално, точно и брзо. Ако се сеќавате ВМРО-ДПМНЕ секој ден држеа прес конференции, го напаѓаа министерот Спасовски, СВР СКопје и СВР Велес, дека не постапиле, дека доколку направиле една ситуација, ќе било вака или така. Тоа беше за рушење на рејтингот на тогашниот министер, за сметка да си го качат својот. Со такви игри во политиката никогаш не добивата, кога одите на чувство и емоции на граѓаните. Мене ми е мило што нарачаа таков извештај во внатрешна контрола  да се направи такво испитување и имаме извештај за сето тоа што го зборувше Спасовски и ние како полиција, дека сме постапиле навремено, точно и прецизно, тоа го потврдува фактот дека нема дисциплински поднесок за колегите. Најмалку што можат да направат оние кои искажуваа невистини, ствараа немир кај граѓаните, да се извинат кон македонската полиција, не спрема мене, Спасовски, директорот Тасевски, началниците во тоа време Скопје и Велес, спрема македонската полиција, бидејќи полицијата на крајот од денот не штити никого по вера, нација или партија, штити исклучиво по закон”, истакна Бојмацалиев.

Во врска со најавите за распоредување на дополнителни полицајци во Тетово и Гостивар од страна на техничкиот министер Тошковски, Бојмацалиев рече дека тоа е работа на директорот на Бирото за јавна безбедност, кој има златна команда.

„Тој ги носи одлуките, со колкаво присуство на полиција и каде ќе има. Доколку се појават информации кои локалниот штаб ќе ги прати до централниот од било кој град ќе се донесе одлука и ќе има засилено полициско присуство“ рече Бојмацалиев.