Бизарен проблем во Загреб: Ќе има премии, но прво играчите да си ги платат дресовите
Неверојатна причина за проблеми на „Максимир“! Управата на Динамо Загреб одбива да ги исплати договорените премии на играчите за успехот во Лигата на Европа, се додека фудбалерите не ги исплатат сите дресови кои великодушно ги раздаваа по натпреварите на навивачите, пријателите, роднините…
Динамо беше фантастичен оваа сезона на теренот, а оствари и историско презимување во Европа по повеќе од 40 години. Сепак, на Балканот секогаш се наоѓа некоја причина за да настане проблем, за да не биде се така идеално. Така, настана проблем помеѓу управата и играчите, секако, поради пари.
Дојде време да се исплатат премиите за Лигата на Европа, но на играчите јасно им е порачано: прво секој да плати за секој дрес кој го изнел од клубот! Според хрватски „24 сата“, таа „сметка“ воопшто не е мала, бидејќи фудбалерите опиени од победите, фрлале и делеле опрема во огромни количини.
А, уште на почетокот од сезоната во правилникот на клубот е внесена ставка, со која играчите се запознаени, но изгледа дека не се грижеле премногу, дека за секој подарен дрес мора да се плати во клупската каса. Бесплатни дресови нема ни за фудбалерите. Велат, тоа е пракса во многу големи клубови на Запад.
Официјалните лица во клубот подвлекоа линија и направија сметка која е доделена на секој играч. Така, фудбалерите ќе мораат да платат за она што се должни, па потоа ќе ги добијат своите чесно заработени пари на теренот.
Инаку, само оваа сезона Динамо заработи 17 милиони евра од натпреварите во Европа. Освен тоа, со победата во првиот осминфафинален натпревар од Лигата на Европа против Бенфика во Загреб, обезбедија уште едно место во квалификациите од Лигата на шампионите за Хрватска.