Битола: Туризам со приказни и дигитална моќ

Бројни се предностите на Битола за туристичката промоција пред светот, но и недоследностите кои се провлекуваат во континуитет и нерешените законски регулативи


БИТОЛА – Битола има историја, култура, археологија со која може да живее и да се претстави преку привлечна туристичка промоција.

Приказните за Хераклеја, Старата чаршија, Саат кулата, Широк Сокак, конзулите, Пелистер… можат да се редат во зависност од туристите, а најбројни се  Турците, Грците, Евреите, поради поврзаноста со историјата, културното наследство, приказните, па и личните судбини.

Бројни се предностите на Битола за туристичката промоција пред светот, но и недоследностите кои се провлекуваат во континуитет и нерешените законски регулативи.

Вчера во Офицeрскиот дом во Битола беше промовиран проектот „КулТурПромо“ со цел на младите да им го прикаже културното наследство и туризмот преку креативни и иновативни методи на промоција со фаворизирање на фотографијата, графичкиот дизајн и дигиталниот маркетинг.

Професорот по историја од битолската Гимназија, Ило Трајковски преку значајни фотографии за Битола раскажа една историска приказна за Битола. 

За првите визуелни претстави од Битола има податок од 1848 година кога британски патеписец дошол во Битола и направил извонредни гравури, подоцна објавени во Велика Британија, па се до првите фотографии за Битола од 1863. 

Многу историски факти и големо културно наследство на Битола е заборавено и изоставено во делот на туризмот. Приказните за битолските касарни, за куќата на Сали-паша изградена во 1882 година, сегашната Гимназија, за куќите музеи (куќата на Данабаш) со непроценлива архитектонска и културна вредност се само камчиња во мозаикот за туристичка промоција на градот, приказни што привлекуваат,  но кои за жал многу ретко се раскажуваат. 

„Битола е многу малку промовирана, треба да се искористи и знаењето. Ова е место каде што биле многу владатели, мислам и на султани. Кралот Александар редовно ја посетувал Битола поради Првата светска војна, грчкиот крал Ѓорги беше во посета на Битола. Нема турски претседател што не бил во Битола, освен Реџеп Таип Ердоган. Сите дошле во Битола заради поврзаноста со Мустафа Кемал Ататурк, и вториот турски претседател Мустафа Исмет Инону учел во Битола. Семејството Данабаш е најбогатото семејство кое живеело во Битола, нивната куќа била исклучителна градба – музеј, тука се и други објекти како познатата меѓу битолчани ‘Алхамбра’ . Многу куќи се срушени без причина.  Затоа кога властите носат одлука за рушење на старите градби треба убаво да се размисли. Сето ова што го има Битола може да биде начин на живот и да донесе приход за градот“, истакна професорот по историја Ило Трајковски во презентацијата.      

За да се промовирате пред туристите како државата, како град мора да имате – производ, сметаат туристички водичи од Битола. Според туристичките работници, туристите сакаат да го видат зачувано културното наследство,  да ги слушнат приказните, а не само да претпоставуваат.

„Доаѓаат туристи Евреи ги водиме низ Битола и велиме овде имало синагога – сега ја нема, овде била најстарата еврејска куќа, сега ја нема. Одиме по Широк Сокак и ја покажуваме куќата на Ароести – таа постои, доаѓаат потомци Евреи во Битола и тоа е производ. Одиме во ‘Пионерски’, еврејско училиште, зградата ја има. Влегуваме во Старата чаршија го бараме еврејското маало, нема ништо. Го посетуваме старото еврејско училиште, сега е продавница за алкохол, среќа што ни отвори сопственикот, внатре се уште стои синагога, и тука следуваа емоции од туристите. Голем е проблемот како да продадеш еден туристички производ – кај нас приказната одеше „Беше, ама го нема“, рече на презенетацијата Марија Ивановска туристички водич и член на Светската федерација на Асоцијации и туристички водичи.

Ивановска е категорична дека „Туристите сакаат приказни, легенди, тие живееат со тој миг. Најраскажуваната приказна за Битола, е за балканските Ромео и Јулија, за Кемал Ататурк и Елени Каринте, иако не е докажана како виситина“, но како што вели таа проблем се законските недореченести кога се толерира странец туристички водич да презентира на нашата територија.

„Доаѓаат туристи од Грција, од Турција ги раскажуваат„нивните“ приказни за Битола и ако малку ги разбираш нивните јазици ќе си помислиш – каде живеам јас?“.   

Во Битола има над 70 туристички водичи, но активно работат помалку од 15. Ивановска порача дека законската регулатива околу водичите мора час поскоро да се среди.

На презентација на проектот се даде осврт и на презентација на културното и историско наследство во Битола преку современите дигитални алатки. Со оглед на тоа што младите се вешти во користењето на социјалните мрежи научија дека секоја фотографија од нивниот телефон или видео од богатото културно наследство на Битола може да биде туристичка промоција на градот.

„Секоја генерација има различни мотиви за патување и туризам. Бидејќи младите се компјутерски писмени, социјалните медиуми се нивна алатка во потрагата по туристички цели. Дури и само една фотографија или видео може да биде информација и повод за патување. Некоја фотографија со кратка мотивирачка информација пласирана на социјалните медиуми може да постигне поголем ефект отколку некоја наменски креирана веб страничка за промоција на градот. Младите се интернет – патници и користењето електронски социјални мрежи во споделувањето искуства од туризмот и патувањето може и те како да помогне во туристички цели. Се поголем е степенот на доверба во интернетот како медиум за туристичка промоција и тоа треба да се искористи и за Битола“, рече Анета Блажевска, новинар презентирајќи ги заедничките нишки помеѓу медиумите, младите и културната промоција на градот.  

Во изминатите четири месеци, повеќе млади луѓе од Битола беа вклучени во истражувачки и креативни индустрии, преку кои креираа свои продукти за културна промоција на Битола. Сите создадени креативни материјали беа претставени на вчерашната изложба и претставуваат нова креативна енергија за младите. Проектот Иновативна културно туристичка промоција „КулТурПромо“ е поддржан од Министерството за култура и туризам во рамките на повикот за креативни индустрии и вклопен во Програмата на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“, како настан кој ја поддржува креативноста на младите и претставува нивен поттик за творештво. Во активностите се вклучија млади од Локалниот младински совет на Општина Битола, ученици од средните училишта во Битола и членови на Едукативниот центар „Едусфера“.

„Фотографијата е повеќе од слика – таа е моќ да го запре времето, да го зачува она што ни е важно и убаво. Преку објективот не гледаме само згради, улици или луѓе – гледаме приказни, спомени и идни можности. Сакам младите да ја почувствуваат таа моќ, да го вреднуваат секој миг, да го зачуваат она што е наше и да го споделуваат со светот. Зошто, ако ние не го погледнеме и не го зачуваме убавото околу нас – кој ќе го направи тоа?“, рече фотографката Ивона Кочов на завршниот настан на „КулТурПромо“, на која беше претставена нејзината изложба „Пркос кон заборавот“, реализирана во рамките на БИТ ФЕСТ.

„КулТурПромо“ ја интегрира креативноста, образованието и туризмот, локалната самоуправа и сите релевантни субјекти со нагласок на развој на младите луѓе и промоција на културното наследство како клучен елемент за одржлив развој на туризмот.

Проектот овозможи едукација на млади кадри, зголемена видливост на културното наследство преку дигитални медиуми, развој на нови туристички атракции и кампањи, како и унапредување на соработката меѓу локалните заедници и туристичкиот сектор.

„На овој завршен настан, преку историска прошетка низ Битола, вмрежување со туристичкиот сектор и согледување на новинарските и фотографските искуства, заокружуваме една целина, која значи нов почеток, за Вас, за сите нас“, рече Билјана Младеновска, претседател на Здружението за истражување на пазарот на труд во функција на мултикултурна соработка и мултиетничка толеранција ПРОФИЦИО Скопје. (А.Б.)