Битола ја изгради, САД ќе ја опреми новата противпожарна зграда


Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, извршија увид во изградбата на новата противпожарна зграда чија втора фаза стартуваше денеска.

Објектот во завршната фаза ќе биде опремен со грант на американското Министерство за одбрана кои веќе објави тендер во функција за реализација на новата противпожарна зграда во Битола, информираа од тамошната локална самоуправа.

-До 13 август, ќе се собираат понудите, а потоа ќе почне реализацијата на втората фаза од проектот, со што новата противпожарна зграда ќе стане функционална. Првата фаза е реализирана со средства од буџетот на Општина Битола во вредност од 52,8 милиони денари, на парцела од 3300 м2, со корисна површина од 1600 м2, до фаза на карабина, со поставена дограма, истакна градоначалникот Коњановски.

Со грант на Министерството за одбрана на САД, опфатен е дел на архитектура, со кој објектот ќе биде целосно адаптиран и енергетски ефикасен со намена за својата дејност.

-Преку грантот ќе се уредат канализациониот и водоводниот систем, механички инсталации за греење и ладење на објектот, електрични инсталации, партерно уредување, патна инфраструктура соодветна за пристапот на возилата, потпорни ѕидови, сообраќаен проект со соодветна сигнализација, како и противпожарни инсталации за заштита на самиот објект. Вредноста на договорот за грант е во висина од околу 1 милион американски долари, истакна градоначалникот Коњановски.

Со изградбата на овој објект, ТППЕ добива нова зграда што ќе ја користат општините Битола, Ресен, Могила, Новаци и Демир Хисар.