Битиќи: Пари за четвртиот пакет мерки ќе се обезбедат од заштедите и со ребаланс на Буџетот


Четвртиот пакет економски мерки повторно предвидува платежни картички за категориите граѓани како самохраните родители и пензионерите со ниски пензии, за категориите кои не беа претходно опфатени, но ќе има и други таргетирани мерки за оние кои не можат без помош во третиот и четвртиот квартал, рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Во гостувањето на Телевизија 24, Битиќи истакна дека средства за четвртиот пакет ќе бидат обезбедени со ребаланс на Буџетот и со префрлања на заштедените пари кои некои институции не ги потрошиле.

Одлуката за тоа кога ќе биде ребалансот, информира Битиќи, ќе се знае за десетина дена.

Според вицепремиерот, фокусот на Владата е економијата, интензивно се одржуваат средби со сите чинители, а владините проекции за рецесијата остануваат исти – таа нема да биде подлабока од четири отсто.

-Структурирањето на третиот пакет мерки покажа дека помогнавме каде што навистина беше потребно. Тоа ќе продолжи и со четвртиот пакет. И со него ќе покажеме дека сакаме секој еден денар на граѓанинот што се дава за даноци, да отиде каде што треба. И кај компаниите ќе даночни ослободувања или одложени плаќања, како и директно субвенционирање трошоци, но не за 140.000 работни места, објасни Битиќи.

Остануваме на истиот факт, потенцира Битиќи, дека годината ќе ја завршиме со отприлика минус четири отсто, а тоа се проекциите и на Министерство за финансии, како и на меѓународните финансиски институции.