Бислимовки: ЕВН е должна да изврши коригирање на фактурите за струја врз основа на самочитање
Потрошувачите по електронски пат да ги достават информациите за потрошена енергија до ЕВН, која е должна да изврши коригирање на фактурите, повика денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, по добиените реакции од граѓани за високи сметки за струја за месеците април и мај.
Податоците од своите броила, посочи тој, граѓаните може да ги достават до ЕВН преку Вајбер, преку електронската апликација, по обичен телефон и по електронска пошта.
– ЕВН е должен по добивање на податоците од потрошувачите да им ги коригира нивните фактури за електрична енергија и притоа погрешно издадената фактура со повисока потрошувачка енергија да ја понишити и да изготви нова согласно реалната потрошувачка на енергија. Доколку ЕВН не изврши коригирање на фактурите согласно самочитањето од корисниците, тие ќе може да побараат помош од Регулаторната комисија за енергетика и ние ќе посредуваме при изготвување на новата сметка, изјави Бислимовски.
Корисниците кои платиле повисоки сметки, на одреден начин го авансирале ЕВН и Бислимовски ги повика веднаш да извршат самочитање и да побараат коригирање, кое ЕВН е должна да ги изврши.
– Сите граѓани кои ги платиле високите сметки во следните сметки, кои ќе им бидат доставени, ќе им бидат фактурирани многу пониски износи за потрошена енергија. На тој начин, секој потрошувач ќе плати исклучиво само за тоа што потрошил, истакна Бислимовски.
Санкции кои може да ги преземе РКЕ, нагласи Бислимовски, е отворање прекршочна постапка против ЕВН и постапка за одземање на лиценца заради непочитување на Законот за енергетика и на правата на потрошувачите.
– Согласно правилата за снабдување ЕВН е должен најмалку еднаш во годината да ги прочита. Ние досега не сме имале вакво проблем како сега во месец април и мај. Од ЕВН редовно ги следат броилата, овој период имаше проблем со корона кризата во месец март, но очекувавме тоа да се корегира со сметките за месец април. Но, веќе добиваме и поплаки за месец април, па затоа ги повикувам потрошувачите ако не се задоволни со фактурираното сами да извршат читање, изјави Бислимовски.
Потрошувачите кои реално не може да ги прочитаат вредностите поради проблеми со неисчистено стакли и слично, според Бислимобски, може на ПП образец да платат сметка за електрична енергија во износ колку што сметаат дека реално потрошиле, ЕВН не смее да ги исклучи.