Бислимоски не очекува проблеми во енергетскиот сектор при евентуален втор бран на Ковид-19
Претседателот на регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски не очекува било какви проблеми во функционирањето на енергетскиот систем во земјава во пресрет на идната грејна сезона при евентуален втор бран на пандемијата со Ковид-19. Тој во интервју за МИА вели дека Регулаторната комисија за енергетика и компаниите веќе знаат како да се организираат и како да функционираат во вакви кризни услови иако кога започна првиот бран немаа искуство во овој дел.
„Со самиот факт што немавме прекини во снабдувањето со електрична енергија и во производството на топлинска енергија сигурен сум дека компаниите, имајќи го во предвид искуството од првиот бран и доколку дојде до втор бран, уште подобро ќе бидат организирани“, вели Бислимоски.
Тој додава дека енергетскиот сектор во целост се покажа како стабилен.
„Сите гледаме дека немаше никакви нарушувања во снабдувањето со електрична енергија, приороден гас и со топлинска енергија. Во првиот период имавме одредени проблеми со ликвидноста на снабдувачите, пред се со електрична енергија, имајќи ја во предвид паниката која настана кај потрошувачите и уплавот да излезат надвор и да ги покриваат сметките“, вели тој.
Анализите на РКЕ за март покажуваат околу 30 отсто намалување на приходите кои ги собирале од „ЕВН Хоум“ споредено со минатата година, но како изминуваше кризата и пред се подобрувањето на начинот на кој се однесуваа потрошувачите, проблемот со ликвидноста е далеку подобрен и сега нема проблеми, уверува првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика.
„Карактеристично е дека има одреден мал пад на потрошувачката на електрична енергија, бидејќи голем дел на комерцијалните објекти беа затворени што се одрази на намалено производство на електрична енергија на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) заради толкавите потреби“, вели тој.
Бислимоски објаснува дека ЕСМ има проблем бидејќи во овој период не можеа да ги продаваат вишоците на електрична енергија и доколку во минатата 2019 година во првиот квартал имаа приходи од осум милиони евра во 2020 година тие немаат никакви приходи во овој дел. „Карактеристично е што и цените на регионалниот пазар на електрична енергија во овој изминат период се намалија поради што и немаше никаква логика ЕСМ да продава вишоци на електрична енергија, туку ги сочуваа на одлично ниво акумулациите и во моментот кога ќе се создадат услови и ќе се зголемат цените на регионалниот пазар на електрична енергија ЕСМ повторно ќе може да продава вишоци на електрична енергија на слободниот пазар.
„Значи, имаме намалени приходи на ЕСМ и кај МЕПСО во однос на таканаречените приходи од прекугранични преносни капацитети поради тоа што реално имамвме намалена потрошувачка и немаше задушувања во системот. Тоа отприлика изнесува 7-8 милиони евра на годишно ниво“, изјави Бислимоски.
Тој во вторник ќе претседава со Состанокот на бордот регулатори на Енергетската заедница (ЕЗ) во чиј фокус ќе бидат начинот на кој регулаторните тела во земјите членки на ЕЗ се справиле со кризата предизвикана од коронавирусот, како и продлабочувањето на соработката помеѓу регулаторните тела во регионот и начинот на формирање на заеднички пазари на електрична енергија и на природен гас. Состанокот инаку требаше да се одржи во Атина, соседна Грција.
„Имајќи ја во предвид состојбата со корона вирусот овој состанок ќе биде прва средба на Бордот на регулаторни тела во рамки на ЕЗ која ќе се одржи онлајн и ќе биде прв состанок кој јас ќе го претседавам како новоизбран претседател на Бордот на регулаторни тела на ЕЗ. Верувам дека тоа ќе биде ново искуство и за мене како претседател на Бордот на регулаторни тела, но исто така и за Енергетската заедница за еден нов начин на функционирање на Бордот на регулаторни тела во рамки на ЕЗ. Очекувам оваа пракса, доколку има потреба и по стивнувањето на оваа криза, дека ќе можеме да ја реализираме и во наредните години“, вели Бислимоски во интервју за МИА.