БиБиСи: Какви опции има Зеленски сега? Јасно е што сака Трамп


„Што може Зеленски да направи за да ја промени ситуацијата? Да му се извини на претседателот Трамп? Да го прифати договорот за минерали под какви било услови? прашува Би-Би-Си во коментар откако американскиот претседател Доналд Трамп ја прекина воената помош за Украина.

„Администрацијата на Трамп се чини дека го сака токму тоа – да ја префрли вината за тензиите врз Зеленски, обвинувајќи го дека не е доволно благодарен. Одлуката за замрзнување на помошта очигледно е обид да се изврши притисок врз украинскиот претседател да направи отстапки. Сепак, Зеленски веќе навести дека е подготвен на компромис.

Во минатогодишното интервју, тој рече дека може да прифати губење на териториите што веќе ги окупира Русија, доколку за возврат, неокупираните делови на Украина би можеле да се приклучат на НАТО. Овој месец, тој отиде чекор подалеку – велејќи дека би бил подготвен да се повлече од функцијата доколку за возврат на Украина и биде одобрено членство во НАТО.

Сепак, Трамп ја отфрли можноста Киев да стане дел од алијансата, а со тоа да се усогласи со позицијата на Москва. „Што точно Трамп очекува од Русија, земјата која ја нападна Украина, останува непознато“, заклучува Би-Би-Си.

Соединетите Американски Држави ја прекинуваат воената помош за Украина, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп се судри со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба, потврди претставник на Белата куќа за Ројтерс.

„Претседателот јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. Потребно ни е нашите партнери да бидат посветени на таа цел. Канцеларијата на Зеленски не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

„Ова не е трајно прекинување на помошта, тоа е пауза“, цитира Фокс њуз претставник на администрацијата на Трамп. Блумберг објави дека е запрена испораката на целата американска воена опрема која моментално не е во Украина, вклучително и оружје во транзит на авиони и бродови или оние кои чекаат во транзитните области во Полска.