Без царина увозот на средства за дезинфекција, маски и опрема за медицински цели


Увозот на суровини, материјали и опрема за медицински цели ќе биде без царински давачки, најави на прес конференција Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа. Таквата одлука се очекува да ја донесе Владата на седница в понеделник.

„Од плаќање на царина ќе бидат ослободени средствата за дезинфекција, заштитни маски и ракавици, заштитни очила и медицинска опрема“, рече Танасоски.

Исто така, заради полесно снабдување на болниците, јавните здравствени установи и аптеките со етил алкохол, како и заради олеснување на дистрибуцијата на етил алкохолот до компаниите кои се занимаваат со производство на средства за дезинфекција, ќе се олесни регистрацијата на компаниите и издавањето на одобренија за акцизно повластено користење за етил алкохол кој се користи во аптеките или компаниите кои произведуваат дезинфекциски или други помошни лековити средства.

„Обврската се одложува шест месеци“, рече Танасоски и додаде дека се ослободуваат и диструбитерите од одредени постапки со цел етил алкохолот што побрзо да се однесе во болниците каде што е најпотребен.

„Болниците, здравствените установи и аптеките ќе можат непречено да нарачуваат и да набавуваат етил алкохол за своите потреби без дополнително да се евидентираат во електронскиот систем на Царинската управа, за време на вонредната состојба“, рече Танасоски.

Тој додаде дека по барање на компаниите кои произведуваат вински дестилат со јачина од 60-70 отсто алкохол, доколку тоа го дозволува квалитетот, ќе се предложи тој да се произведува и да се дистрибуира за медицински цели или за производство на средства за дезинфекција.

Инаку, од Царинската управа и од Министерството за транспорт и врски денес соопштија дека заедно со МАКАМТРАНС и АМЕРИТ се прават постојани напори транспортот да се извршува непречено. Исто така стана збор и за режимот за транспортерите за време на траењето на полицискиот час и нивното движење во рамките на транзитната и извозната постапка со соодветни придружни документи.

Продолжени се роковите на важење на одобренијата на поедноставени царинскки постапки, со што компаниите и натаму можат да ги користат поедноставените постапки за извоз и увоз.

Во дел од царинските испостави постапката е целосно електронска, а наскоро тоа ќе се примени секаде.

Ќе биде продолжено и важењето на банкарските гаранции кои истекуваат на 30 јуни.

„Во рамките на ЦЕФТА заедно со Транспортниот сектретаријат на ЕУ и ЕК се договараат протоколи за лесно и брзо движење на стоките, размена на информации како и зелен и син канал за проток на одредени стоки и олеснување на транспортот. До среда треба да бидат договорени списоците на стоки што ќе се движат по зелен и син приоритетен канал, а преку соодветниот систем ќе се разменуваат информации за итни пратки што треба да имаат приоритет“, рече Танасоски. (М.Ј.)