Бесими, Маричиќ и Димитров ги добија најжешките столчиња


Фото: Б. Грданоски

Се очекува и вториот кабинет на Заев да добие поддршка од 62 пратеници, исто како и пред три години кога беше избрана неговата прва влада, која во последната година од мандатот стигна до мнозинство од 68 пратеници

 

Собранието денеска ќе ја почне 10. седница, која утре на полноќ треба да финишира со избор на новата влада на Зоран Заев, кој се враќа на премиерското место по пауза од речиси цели осум месеци.

Се очекува и вториот кабинет на Заев да добие поддршка од 62 пратеници, исто како и пред три години (на 1 јуни 2017 година) кога беше избрана неговата прва влада, која во последната година од мандатот стигна до мнозинство од 68 пратеници. Но за разлика од 2017 година, кога периодот од почетокот на конститутивната седница на парламентот до изборот на владата се одолговлече половина година, новиот кабинет на СДСМ и ДУИ овој пат стартува навреме, односно во согласност со уставните рокови предвидени за „престројување“ на институциите во периодот по избори.

Тоа може да се смета за еден од показателите дека новата влада почнува „пловидба“ во помирни води, во споредба со 2017 година кога социјалдемократите, штотуку стапнати на власт и со два пратенички мандати помалку од ВМРО-ДПМНЕ, се соочија рецидивите од големата политичка криза и со сите други последици од 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а пред се крајно разнишаната меѓународна позиција на државата. Проблемите од тој аспект главно се надминати во изминатите три години владеење на СДСМ и на ДУИ, за што претходната влада вложи многу енергија и беше приморана на многу отстапки и непопуларни компромиси.

Сепак, крајните резултати од потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија и од сите внатрешно-политички превирања, кокетирања и ретерирања…, што го следеа тој процес, изгледаа мошне неизвесни на 3 јануари, кога Заев замина од „Илинденска“, отстапувајќи му го на три до четири месеци премиерското место на Оливер Спасовски. Во тие моменти, Македонија беше држава со се уште неизвесна европска перспектива поради француското „не“ на самитот на ЕУ лани во отомври и неочекуваното пролонгирање на официјализирањето на членството во НАТО. Осум месеци подоцна, откако корона-кризата го „удвои“ мандатот на техничката влада, Заев се враќа како премиер на држава која е полноправна членка на НАТО и која до крајот на годината треба да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Преговорите со ЕУ на врвот од агендата

Од тој аспект, може да се заклучи дека досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров, преку чиј ресор се прекршија финалните преговори за потпишување на Преспанскиот договор, сега како иден вицепремиер за европски прашања повторно го добива едно од најжешките столчиња во Владата. Секретаријатот за европски прашања, всушност, треба да претставува центар за координација на преговарачкиот процес со ЕУ, така што Димитров би ја преземал од Бујар Османи и позицијата главен политички преговарач. Од друга страна, Османи, во чиј мандат како вицепремиер во техничката влада стигна одлуката за почеток на преговорите, сега се сели во кабинетот на Димитров во МНР, каде што веројатно ќе може да се чувствува барем малку поудобно од неговиот претходник, со оглед на надминатите билатерални проблеми.

Преговорите со ЕУ се очекува да бидат на врвот на агендата на владата што доаѓа. Во Програмата за периодот 2020-2024 што Заев ја достави до парламентот се посочува дека Владата очекува до крајот на нејзиниот мандат да бидат затворени 80 отсто од поглавјата, така што земјата би го постигнала нивото на другите земји од Западен Балкан кои се веќе во фаза на преговори.

„Со почетокот на преговорите за ЕУ–членство, ние почнуваме со најдлабока трансформација на општеството и постепено, но темелно и одржливо прифаќање на европските правила, принципи и вредности. Владата ќе обезбеди трансформацијата да е ефикасна и успешна, а воедно во неа да го заштитиме нашиот интерес како држава, интересот на нашата економија и нашите граѓани. Владата на  Северна Македонија има амбициозен, но реален план: да ги заокружи преговорите што поскоро и што поуспешно и да стане држава членка на ЕУ при првиот нареден бран на проширување. Во 2020 година ги започнуваме преговорите за членство и убедени сме дека нашата држава има капацитет, способност и волја до 2024 година во мандатот на оваа Влада да отвори 80 отсто од поглавјата и да биде најмалку на исто ниво на интеграција со државите од Западен Балкан кои во моментот преговараат за членство со ЕУ“, се наведува во владината Програма.

Не е полесна ниту обврската на што му припадна на Бојан Маричиќ, кој досега беше национален координатор и главен технички преговарач со ЕУ, а сега првпат седнува на министерско столче и тоа во Министерството за правда, како ресор од кој почнува отворањето на поглавјата. Иако во мандатот на досегашната министерка Рената Треневска-Дескоска се донесоа главните закони за реформи во правосудството, за кои беше потребно двотретинско мнозинство, со посебен акцент на новиот Закон за јавно обвинителство, процесот на имплементација на овие регулативи е на самиот почеток. Исто така, новиот министер за правда, ќе треба да се соочи и со предизвикот за спроведување ветинг во правосудството, за што СДСМ посебно се залагаше во периодот кога почна да се наѕира дека и овие парламентарни избори ќе бидат предвремени.

Големата задача за Фатмир Бесими

Во делот од Програмата на новата влада кој се однесува на правосудството  е нагласена посветеноста на длабоки и суштински реформи во оваа област. Само на тој начин, како што се наведува, ќе се овозможи владеење на правото, а не на моќниците, и доследна борба со криминалот во државата.

„Владата има целосен консензус дека е неопходно ефикасно и објективно прочистување во правосудството. Првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично. Проверката може да го опфати личното и професионално минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи. Овие проверки од страна на веќе постоечки институции и веќе вградени законски основи најавуваат дека резултатите можат да бидат брзи и ефикасни и да обезбедат функционирање на владеењето на правото и решавање на системските проблеми кои долговреме се провлекуваат во домашното судство“, се посочува во Програмата.

На списокот на  ресори пред кои претстојат поголеми предизвици, секако, е и Министерството за здравство, со оглед на пандемијата со Ковид-19  што се уште го тресе светот. Но олеснителна околност во однос на овој ресор е што таму е обезбеден континуитет во раководењето, односно на министерската позиција останува Венко Филипче, кој од март годинава се најде на првата линија на битката за спречување на ширењето на новиот вирус.

Мошне експонирана од почетокот на оваа година беше и досегашната министерка за финансии Нина Ангеловска, со оглед на економските последици што ги предизвика здравствената криза на светско ниво, а на кои не остана имуна ниту нашата земја. Сепак, Ангеловска заминува од челното место во ресорот кој, при распределбата на „владиниот колач“,  ѝ припадна на ДУИ. За нов министер доаѓа искусниот Фатмир Бесими, кој и покрај тоа што во изминатите петнаесетина години раководеше неколку ресори во неколку влади (за економија, одбрана и евроинтеграции), досега се нема испробано во Министерството за финансии. Овој пат нему му припадна должноста да го стабилизира  финансискиот сектор во земјава и да ги спроведува политиките за економска консолидација, што Заев, уште кон крајот на претходниот мандат ги најавуваше како иден владин приоритет, по затворањето на прашањата од доменот на надворешната политика.

Во програмата на новата Влада е проектиран раст на домашната економија од 4 проценти до крајот на мандатот, како и понатамошно зголемување на минималната плата, по завршувањето на кризата.

„До крајот на мандатот ќе ја вратиме нашата економија на солиден и оддржлив раст од 4 проценти. За време на кризата се обврзуваме да ја задржиме минималната плата на  висина од 14.500 денари. По завршувањето на кризата, Владата ќе продолжи со своите докажани заложби:  раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 проценти и  раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 отсто, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија. Износот на странските инвестиции го планираме на ниво од најмалку една милијарда евра за 4 години, со фокус на оние базирани на иновации, висок степен на финализација на производи и услуги и оддржливост на бизнисите.Владата ќе создаде законска и финансиска рамка со која нивото на јавни инвестиции ќе порасне на 2,2 милијарди евра додека очекуваните директни приватни инвестиции ќе бидат 1,2 милијарди во период од целиот мандат“, се нагласува во владината Програма. (Н.В.)