Берзата привремено го прекина тргувањето со акциите на „Реплек“, чека да ги објави одлуките на акционерите


Македонската берза привремено го прекина тргувањето со акциите на Реплек АД Скопје. Како што се вели во соопшението на Берзата тоа е направено во очекување друштвото да објави одлуки од собранието на акционери. 

Претходно, повеќе медиуми jавија дека со одлука на мнозинство акционери на оваа фармацевтска компанија биле резрешени Управниот и Надзорниот одбор на чело со генералниот директор Иван Туџаров. Причината било незадоволството од нивната работа.

Порталот Пари.мк ги објави инвеститорите што поседуваат над 5 отсто од акциите на компанијата: Отворен Задолжителен Пензиски Фонд Сава Пензиски Фонд со 6,40 отсто, Славица Туџарова Трајковска 11,57 отсто, Владимир Пецовски 5,79 отсто, Душан Пецовски 11,92 отсто, Друштво за трговија и услуги Ситко Антонио ДООЕЛ Скопје 6,10 отсто и Иван Туџаров 11,20 отсто.

Управниот одбор на „Реплек“ го сочинуваат: Иван Туџаров  – претседател, Душан Пецовски, Даница Зимбакова, Сузана Милошевска и Лилјана Макрадули.

Во Надзорниот одбор се: Алесандар Томовски – претседател, Иван Соколов, Адела Николовска, Томислав Димовски  и Анастасија Јоксимовиќ.

Во меѓувреме, компанијата до Берзата достави документ во кој ги презентира проекциите за финансиските резултати за деловната 2021 година. 
Согласно Годишниот план за работење на Групацијата „Реплек“ , проектирани се
следните финансиски резултати за деловната 2021 година: за „Реплек“ АД проектиран е промет во износ од 89 милиони денари или за 8 отсто повеќе во однос на 2020 година, за „Реплек фарм“ ДООЕЛ зголемување на прометот во 2021 година за 6 отсто, а за „Реплек маркет“ ДООЕЛ се вели дека имале намалување на
приходите од продажба во однос на минатата година поради привремениот
прекин во работењето на маркетот Реплек Маркет и ресторанот “Ден и ноќ”
согласно мерките за заштита од коронавирусот COVID-19. Согласно планот за продажба и моменталната ситуација со COVID-19 пандемијата, предвидено е зголемување на приходите од продажба за 5% во однос на реализираните приходи во 2020 година, односно приходи од продажба во износ од 182 милиони денари.