Берни Сандерс го повика американскиот Конгрес да ја блокира воената помош за Израел: „Доста е“
Американскиот сенатор и поранешен американски претседателски кандидат Берни Сандер го повика американскиот Конгрес да ја блокира воената помош за Израел.
Осврнувајќи се на американско-израелските односи, Сандерс рече дека војната во Појасот Газа е предизвикана од варварскиот напад на Хамас, но нагласи и дека одговорот на Израел е непропорционален, неморален и го крши меѓународното право.
„Доста е. Даночните обврзници на САД повеќе не смеат да бидат соучесници во уништувањето на животите на невините мажи, жени и деца во Газа“, рече Сандерс.
Исто така, Сандерс упати голем број критики против Бенјамин Нетанјаху.
„Доста е! Америка да престане да ја финансира неморалната, брутална и крајно непропорционална војна на Нетанјаху против палестинскиот народ. Конгресот мора да отфрли секој обид да одобри десет милијарди долари безусловна воена помош за десничарската влада на Бенјамин Нетанјаху“, рече Сандерс.