САД: Одбор поддржа Бенон да се обвини за непочитување на Конгресот
Одбор на Претставничкиот дом на САД, што го истражува упадот во Капитол на 6 јануари, едногласно ги поддржа обвинувањата против поранешниот советник во Белата куќа, Стив Бенон, за непочитување на Конгресот. Бенон претходно беше повикан да сведочи, но тој одби, што Одборот го оцени во својата одлука како – шокантно.
Одлуката на Одборот отвора пат за целиот Претставнички дом да се изјасни за тоа, а потоа се проследува до Министерството за правда, што ќе одлучи дали ќе поднесе обвинение. Гласањето во Претставничкиот дом е закажано за в четврток.
Доколку биде прогласен за виновен, Бенон може да се соочи со парична казна и до една година затвор.
Во извештај од понеделникот, комитетот тврди дека Бенон дал изјави што укажуваат дека однапред знаел за „екстремните настани“ на 6 јануари, кога Конгресот требаше да го потврди демократот Џозеф Бајден за победник на претседателските избори.
Исто така, ги наведува сите начини на кои Бенон учествувал во настаните што довеле до упадот, вклучувајќи ги и извештаите дека го охрабрил Трамп да се фокусира на 6 јануари, денот на потврдувањето на изборните гласови, и коментарите од 5 јануари дека „целосен хаос ќе следува следниот ден“.
Комитетот во резолуција објавена вчера истакнува дека поранешниот советник на Доналд Трамп нема правна основа да ги одбие неговите барања, иако адвокатот на поранешниот претседател тврди дека Бенон не треба да открива информации, бидејќи е заштитен со привилегијата на позицијата во поранешна администрација. Со гласањето за Бенон, се отвора пат за целиот Претставнички дом да одлучи за тоа, а потоа се проследува до Министерството за правда, кое ќе одлучи дали ќе поднесе обвинение.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера поднесе тужба против комитетот на американскиот Конгрес што ги истражува немирите на Капитол на 6 јануари.
Барањето на комитетот за документите е „незаконско“ и „неосновано“, со цел да се малтретираат Трамп и високи членови на неговата поранешна администрација, се вели во тужбата.
Се тврди дека документите на поранешната администрација на Трамп, до кои комитетот бара пристап, спаѓаат во опсегот на т.н претседателска привилегија, правна доктрина што ја штити доверливоста на некои документи од Белата куќа. Претседателот има право да не открива некои информации пред Конгресот и судовите. Белата куќа соопшти дека наследникот на Трамп, Џо Бајден, нема да им забрани на Националната архива да ги предаде документите што ги бара комисијата, јави ДПА.
Трамп е обвинет дека ги поттикнал своите поддржувачи да упаднат во зградата на Конгресот во Вашингтон на 6 јануари. Немирите избија откако Трамп изнесе неосновано тврдење дека Бајден победил на претседателските избори со измама.