Бендевска: Нашиот сон за четврти Илинден е Македонија, земја-членка на ЕУ


И годинава, гордо и достоинствено им оддаваме почит на борците на слободна и независна Македонија, на хероите на двата Илиндени кои се жртвуваа, за денес да можеме бидеме свои на своето, да им ветиме дека денешните генерации нема да го заборават заветот што го оставија и да ги насочиме нашите погледи, стремежи од заедничкото минато кон заедничката сегашност и иднина, истакна потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска од пред Меморијалниот центар АСНОМ од Пелинце, на одбележувањето на 81-годишнината од првото заседание на АСНОМ.

Зборувајќи за двата Илиндени, Бендевска рече дека денеска го живееме сонот на борците од Илинден 1903 и на АСНОМ 1944, нагласувајќи дека се темелот на кој почива македонската држава. Осврнувајќи се на минатото, Бендевска кажа дека со Илинден 1903 е создадена прва Република на Балканот, 41 година подоцна, продолжувачите на сонот на Илинденците, го удрија темелот на самостојна, независна македонска држава, а третиот Илинден 8 септември 1991 се заокружи стремежот за независна држава.

Во говорот, потепретседателката на Собранието се осврна на зборовите на Никола Карев во кои тој се задржува на љубовта кон слободата: Да дадеме клетва дека ќе бидеме достојни на хероите кои загинаа, дека нема да ги изневериме идеалите на Републиката, Македонија слободна ќе биде, незаситноста на богатите нѐ натераа на питачки стап сите и Македонци и Власи и Албанци муслимани со кои од дедо и прадедо живееме како браќа на оваа заедничка земја и се прихрануваме со крвава пот. Ние револуционерите под клетва кренавме пушка и на нашето од крв, црвено знаме запишавме смрт или слобода, ние го кренавме тоа свето црвено знаме и назад враќање нема“.

– Овие два Илиндени се завет дека нема само да се поклонуваме и почитуваме пред саможртвата на сите знајни и незнајни јунаци што ги положија своите млади животи за идејата за македонска држава. Тоа е обврска да го почитуваме нивното дело и ќе продолжиме да го сонуваме нивниот сон, заедно, и обединети. Дозволете во оваа прилика да упатам порака до секој граѓанин, доста беше поделби, доста беше омраза, доста беше нетрпеливост, Македонија во вистинска, буквална смисла на зборот мора да ја вратиме врз крушевските принципи и асномските постулати, рече Бендевска.

Зборувајќи за првото заседание на АСНОМ, потпретседателката на Собранието се осврна на обраќањето на Панко Брашнаров дека „Сите граѓани на Македонија без оглед на нација, пол, возраст ќе застанат под исто македонско знаме и дека Македонија ќе биде слободна држава во која ќе се гарантираат правата на граѓаните“.

– Дозволете уште еднаш да ве повикам да се обединиме околу националната платформа за македонско, национално единство, што ќе ги дефинира македонските државни, црвени, национални, линии, затоа што нашиот сон за четврти Илинден е Македонија слободна, развиена, рамноправна, европска земја-членка. А, за да го постигнеме тоа, за да влеземе во Европа со дигната глава со заштитен национален идентитет, вековна историја, богата традиција и вонредно значаен македонски јазик, ние мора да се обединиме и да кажеме -да подготвени сме да го организираме четвртиот Илинден во име на сите жртви, во има на Крушево и во име на АСНОМ. Ќе порачам, вечен да ни е Илинден, вечна да ни е нашата Македонија, рече Бендевска.

На свеченоста по повод одбележувањето на 81-годишнината од првото заседание на АСНОМ во Меморијалниот центар во Пелинце, цвеќе положија бројни делегации од Собранието, од Владата предводена од вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, од кабинетот на претседателот на државата, од сојузот на борците од НОБ и нивните поддржувачи, Армијата, од локалните самоуправи на општините Куманово и Старо Нагоричане, од политички партии, дипломатскиот кор и граѓански здруженија и граѓани.