Белгија бара санкциии за Израел, ОН ја нарече „цинична“ четиричасовната пауза за бомбардирањето
Вицепремиерката на Белгија, Петра де Сутер, посочи дека белгиската влада треба да воведе санкции за воените злосторства во Газа и да одвои дополнителни средства за Меѓународниот кривичен суд да ги истражи воените злосторства на Израел и Хамас.Сутер додаде и дека Израел, додека врши воени злосторства, го игнорира меѓународното барање за прекин на огнот.
„Време е за санкции против Израел. Бомбардирањето е нехумано“, напиша Де Сутер од Зелените на Икс. „Додека во Газа се вршат воени злосторства, Израел го игнорира меѓународното барање за прекин на огнот“.
Таа нагласи дека луѓето и компаниите што го снабдуваат Хамас со пари мора да бидат санкционирани, но и дека насилните израелски доселеници на Западниот Брег, политичарите и воените личности одговорни за воени злосторства треба да се соочат со забрана за влез во ЕУ.
Израел е обвинет дека напаѓа болници и бегалски кампови во Газа – што е прекршување на меѓународните закони за водење војна.
истовремено, известувачот на Обединетите нации за палестинските територии, Франческа Албанезе, денеска изјави дека одлуката на Израел да дозволи секојдневна четиричасовна хуманитарна пауза во северниот дел на Појасот Газа е „многу цинична и сурова.“
-Значи, четиричасовен прекин на огнот, за луѓето да можат да дишат и да се сетат како е животот без бомбардирање пред да почнеме повторно да ги бомбардираме. Тоа е многу цинично и сурово, изјави Албанезе.
Таа додаде дека секој ден врз Појасот Газа се фрлаат 6.000 бомби и дека тоа е „мало парче земја каде што луѓето се заробени, а уништувањето е огромно“.
-Нема да има враќање на луѓето по тоа што Израел го направи со Појасот Газа, кажа известувачката на ОН.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, вчера најави дека Израел секојдневно ќе спроведува четиричасовни паузи во борбите во одредени области на северот на Појасот Газа.
Кирби кажа дека најавите за паузи ќе бидат објавени три часа пред нивниот почеток и дека е од клучно значење хуманитарните резерви и помошта да се прошират во областите каде што луѓето бегаат.