Барса против Манчестер бара прекин на проклетството, Ајакс против Јуве ќе брка ново чудо во ЛШ
Европска фудбалска класика вечерва на „Олд Трафорд“. Манчестер јунајтед ја пречекува Барселона во првиот меч во четвртфиналето во Лигата на шампиони. Судирите на двата гиганта секогаш нуделе материјал за историја. Така било во 11 досегашни соочувања од кои три беа за титула, два беа двомеча во нокаут фаза по принципот дома-гости и четири во групна фаза.
Голем број на светски ѕвезди беа актери на сцената во меѓусебните дуели на шпанскиот и англискиот великан. Почнувајќи од Диего Марадона и Брајан Робсон во четврт-финалето во КПК во сезоната 1983/84 и Марк Хјуз и Роналдо Куман во финалето во КПК во Ротердам во 1991 година. Стоичков и Ромарио ја имаа главната ролја кај Каталонците и повторно Робсон и Ли Шарп кај „црвените ѓаволи“ во групата во ЛШ во сезоната 1994/95. На „Камп Ноу“ тогаш беше соборен и рекордот по бројот на гледачи во меч во групната фаза – 114,273 иако тимот од „Олд Трафорд“ отпатува во Шпанија без Ерик Кантона, Гери Волш и Петер Шмајхел.
Барселона има свои мотиви вечерва, а тоа е прекин на четвртфиналното проклетство кое трае од последната шампионска титула во Европа. По сезоната во која го совладаа Јувентус во големото финале, Барселона доживуваше порази во четвртфиналето почнувајќи од Атлетико Мадрид, потоа Јувентус и на крајот Рома, можеби и најболната елиминација во поновата историја на каталонскиот клуб. Токму затоа, Ернесто Валверде нема да дозволи ново потценување на противникот од страна на своите играчи.
Од друга страна, пак, сето внимание го привлекува Оле Гунар Солскјер. Норвежанецот го препороди Манчестер јунајтед по преземање на екипата од Жозе Мурињо, сензационално го елиминира ПСЖ во осминафиналето, како награда за сработеното во изминатите четири месеци доби долгорочен договор, а сега ги дочекува Шпанците со полно самодоверба и ветување за рекорден буџет од 290 милиони евра за засилувања во летниот преоден рок.
Најголем проблем за Јунајтед и Солскјер ќе биде Лионел Меси. Норвежанецот смета дека Аргентинецот не е незапирлив, но за да успее да го неутрализира ќе му биде потребно многу. Фокусот секако ќе биде ставен на Меси, но не смеат да се заборават ни останатите асови на Барселона, а среќа за „Ѓаволите“ е што Погба, за разлика од двомечот со ПСЖ (реваншот го пропушти поради црвен картон), ќе може да се разигра на „Олд Трафорд“, бидејќи Барселона нема играч кој може да игра „фластер“ на Французинот цел меч.
Солскјер и Валверде ги избраа своите стартни состави за вечерва.
Манчестер Јунајтед (4-4-2): Де Геа – Јанг, Линделоф, Смолинг, Шо – Далот, Фред, Мектоминај, Погба – Рашфорд, Марсијал.
Барселона (4-3-3): Тер Штеген – Семедо, Пике, Ленгле, Алба – Артур, Ракитиќ, Бускетс – Меси, Кутињо, Суарез.
Шампионската Лига на УЕФА вечерва со репертоар и во Амстердам каде Ајакс е домаќин на Јувентус.
Ајакс направи огромно чудо со елиминацијата на Реал Мадрид во осминафиналето, и тоа по поразот во првиот натпревар на домашен терен со 1:2. „Кралевите“ целосно ги потценија „Копјаниците“, како да не им беше доволна опомената од мечот во Амстердам каде Ајакс беше далеку подобар тим, на реваншот во Мадрид Холанѓаните добија наплата за сето она што го промашија во првиот меч. Избраниците на Тен Хаг приредија вистинска фудбалска рапсодија и со 4:1 го елиминираа европскиот првак.
Среќата сакаше да ги спои со Јувентус во четвртфиналето, веројатно еден од главните фаворити за „клемпавиот трофеј“, за што сведочи и трансферот на Кристијано Роналдо летоска. Токму Португалецот ќе биде главниот адут на Масимилијано Алегри. Роналдо покажа дека е машина, а не човек, па успеа на време да се опорави од повредата за која се очекуваше да го оддалечи од терените уште подолго време.
Но, Португалецот и самиот е свесен за што го доведоа во Торино и не сака да остави ништо на случајот, па вечерва ќе биде најголемата опасност кон голот на домаќините.
Од друга страна, младиот состав на Ајакс, засилен со искусните Блинд и Тадиќ, ќе се обиде уште еднаш да приреди сензација во европскиот континентален фудбал и да покаже дека Ајакс со својата историја и филозофија не смее да биде оттурнуван на страна и потценуван од побогатите клубови. Тадиќ сезонава прикажува игри достојни и за „Златна топка“, Де Јонг покажа дека Барса не залудно за него плати речиси 90 милиони евра, Блинд гледа како крај него созрева идниот најдобар стопер на светот, Матијс Де Лихт, Таљафико е најголемата напаст кон десната страна на противникот, а Зијех и Нерес со својата луцидност прават проблем на секоја одбрана на светот, па истото ја очекува и гранитната одбрана на Јувентус.
Алегри и Тен Хаг ги избраа своите стартни состави, без речиси никакви изненадувања во формациите и стартерите.
Ајакс (4-3-3): Онана – Велтман, Де Лихт, Блинд, Таљафико – Ван Де Бек, Шене, Де Јонг – Нерес, Тадиќ, Зијех.
Јувентус (4-3-3): Шчесни – Кансело, Ругани, Бонучи, Алекс Сандро – Бентанкур, Пјаниќ, Матуиди – Бернардески, Манџукиќ, Роналдо.