Бангладеш ќе ѝ подари на Унгарија 5.000 дози од вакцината на „АстраЗенека“
Вакцините се благодарност за операциите спроведени од унгарски лекари и успешното раздвојување на споени близнаци
Бангладеш испраќа 5.000 дози од вакцината „Оксфорд/АстраЗенека“ во Унгарија како благодарност за операциите спроведени од унгарски лекари и успешното раздвојување на споени близнаци, објавија унгарските медиуми во средата.
Бангладешскиот медиум BDNews24 минатата недела објави дека Унгарија ѝ се обратила на владата и побарала дози на вакцината. Секретарот за надворешни работи, Шахријар Алам, наводно се согласил, велејќи му на парламентот дека ќе го исполнат унгарското барање. За уште едно барање од Боливија допрва треба да се одлучува, објави „Дејли Бангладеш“.
Сепак, унгарското министерство за надворешни работи понуди поинакво објаснување велејќи дека Бангладеш ги понудил дозите како благодарност за работата на унгарските лекари, објави унгарскиот „Блик“.
Веста доаѓа по најавата од минатата недела дека Унгарија ја одобри вакцината на кинеската компанија „Синофарм“, со што стана единствената земја на ЕУ што го стори тоа. Будимпешта е исто така е единствената членка на ЕУ која потпиша договор за руската вакцина „Спутник V“.
Што се однесува до Бангладеш, тој прима серии на вакцини „Оксфорд/АстраЗенека“ од Индија, каде што „АстраЗенека“ има договор со Институтот за серум во Индија да производува за земјите во Азија. Неговата програма за вакцинација ќе започне на 7 февруари, според „Дака трибјун“.
Бангладеш на 21 јануари доби подарок 2 милиони дози од индиската влада, објави „Трибјун“. Вкупно, во моментов има пет милиони дози на „Оксфорд/АстраЗенека“ и договор за уште 25 милиони, според „Блик“.