Балканот во длабок минус – Од Словенија до Црно Море поплави, мраз и снег
Во Североисточниот Регион, во Ранковце, патниот правец село П’клиште – село Герман е непрооден поради снежни наноси
Студен бран го зафати регионот на Западен Балкан: во Македонија поплавени подрачја, а поради снег непрооден е патот до селото Герман, во Србија е прогласена вонредна состојба во 11 општини поради екстремно ниските температури и високите снежни наноси, Хрватска е во длабок минус до 26 степени под нулата, а во Албанија се трага по исчезнати.
Поплавени ниви и живеалишта, но реките се повлекуваат – патот до Герман е непрооден
Центарот за управување со кризи во информација за состојбата по обилните врнежи на територијата на државата, заклучно со 8 часот изутринава, информира дека во Пелагонискиот Регион (Битола, Могила и Новаци), во подрачјата во кои имаше излевање на реките, водата постепено се повлекува од поплавените површини. Нивото на реката Црна кај селото Новаци во 18 часот синоќа изнесувало 320 сантиметри.
Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон селотo Мренога е затворен за сообраќај. Реките се вратени во своите корита, освен реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде што сè уште има излевање и се поплавени поголеми земјоделски површини.

Во Ресен, како последица на поројните врнежи, поплавени се земјоделски површини, но водата постепено се повлекува откако вчера е интервенирано со една градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.
Во Југозападниот Регион, во Охрид, на реката Сушица изграден е заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошното излевање. Сè уште има поплавени подрумски простории и дворови на повеќе локации. Во струшкото село Мислешево поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини. Процесот на санација е отежнат поради неможност за изведување пропуст за истек на водата. Во Калишта има поплавени дворови и подрумски простории и се преземаат дополнителни мерки за санација и заштита на населението.
Во Североисточниот Регион, во Ранковце, патниот правец с. П’клиште – с. Герман е непрооден поради снежни наноси. Во тек е расчистување. Патот од с. Герман до с. П’клиште е со кашест снег, што го отежнува сообраќајот.
Вонредна состојба во 11 општини во Србија – 9.000 домаќинства без струја
Околу 9.000 домаќинства во Србија се без електрична енергија.
Вонредна состојба е воведена во општините Ваљево, Лозница, Осечина, Крупањ, Мали Зворник, Владимирци, Сјеница, Мајданпек, дел од Пријепоље, Лучани и Ивањица. Снегот го ограничи пристапот до 15 села, а железничкиот сообраќај на линиите до Лазаревац и од Младеновац кон Белград е во целосен прекин.
Спасувачките екипи од вчера до денес интервенирале 98 пати на терен, евакуирајќи 37 лица. Од компанијата „Електродистрибуција Србија“ соопштија дека снабдувањето со струја постепено се нормализира, но се уште се работи на дефектите кај неколку илјади корисници.
Температурите во Србија деновиве се спуштија до -17 степени Целзиусови. Портокалов аларм утрово е активиран за Белград, Бачка, Банат, Срем, како и за западна и југозападна Србија. Премиерот најави седница на Штабот за вонредни ситуации за разгледување на понатамошните мерки.
БиХ под портокалов аларм заради ниски температури
Слична е состојбата и во Босна и Херцеговина, каде исто така е прогласен портокалов метеоаларм поради температури од -15 степени. Хидрометеоролошкиот институт предупреди дека студот е опасен за здравјето на постарите лица, децата и хронично болните, јави БХРТ.
Минусни температури во Хрватска
Хрватска, исто така, се соочува со обилни снежни врнежи во последните денови, а најниската температура е регистрирана денеска од -19,6 степени, објави хрватскиот портал „Индекс“. Температурата во главниот град Загреб утрово е -10 степени. Метеролозите за денеска највуваат постепено разведрување и нешто потопло време.

Во Црна Гора се очекува времето да се подобри денеска, но властите ги предупредуваат возачите да внимаваат на мраз и лизгање на земјиштето, објави МИНА.
Во Словенија, температурите се исто така ниски, а најстудено денеска е во југозападна Словенија – каде што температурата рано утрово беше -21,1 степени, објави словенечкото издание „24 ур“. Во остатокот од земјата, минималните температури се движат помеѓу -19 и -10 степени.
Обилните снежни врнежи и дожд ја комплицираат ситуацијата во Албанија и Косово; Албанските вооружени сили трагаат по маж однесен од надојдена река
Ситуацијата во поголемиот дел од Албанија и Косово останува комплицирана поради обилните снежни врнежи и дожд што ги погодија двете земји во последните денови, објавија албанските и косовските медиуми.
Според информациите од Албанската Национална агенција за цивилна заштита (AKMC), цитирани од ATA, најпогодените од лошото време во Албанија моментално се Скадар, Драч, Дибер, Берат, Фиер, Корча и Ѓирокастро.
Во окрузите на Скадар, се известува дека реките Дрим, Кир и Буна значително се надополниле, а некои од нив се излеале и поплавиле патишта и обработливо земјиште. Слична е ситуацијата и во Драч, каде што се известува дека се поплавени вкупно 1.800 хектари обработливо земјиште. Во окрузите на Фиер и Берат, исто така, има извештаи за поплавени земјоделски површини, како и неколку домаќинства и јавни згради.
Во окрузите на Дибер, голем дел од секундарните патишта се затворени поради обилните снежни врнежи. Во Корча и Ѓирокастро, има извештаи за лизгање на земјиштето и затворени патишта, како и за неколку семејства евакуирани поради поплави.

Од вчера, Албанските вооружени сили спроведуваат голема операција за пребарување во близина на градот Клос (Централна Албанија), каде што еден граѓанин беше однесен во својот автомобил од надојдените води на реката Мат. Според објавата на албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу, вкупно 22 војници учествуваат во операцијата за пребарување, поддржани од беспилотни летала и специјална опрема.
Според информациите од Косовската радиотелевизија, обилните снежни врнежи во текот на изминатите 24 часа предизвикаа тешкотии во движењето по автопатот Приштина – Пеќ (Пеќ), особено во областа на меѓународниот аеродром Адем Јашари. Во меѓувреме, обилните врнежи од дожд затворија дел од автопатот што го поврзува главниот град Приштина со јужниот косовски град Феризај, а сообраќајот се пренасочува по алтернативни патишта.
Во три општини во Косово, почетокот на вториот семестар од учебната година е откажан денеска поради лоши временски услови. Во општините Малишева (Малишево) и Дренаш, враќањето на учениците во училниците е одложено до среда, а во општина Фуш Косово – до почетокот на следната недела. Во сите други општини во земјата, вториот семестар од учебната година започна нормално, забележува Косовската радиотелевизија.
Бугарија со жолто предупредување – училиштата во Русе се затворени
Жолто предупредување за екстремно ниски температури ќе биде на сила во понеделник низ цела Северна Бугарија, како и во неколку региони јужно од Стара Планина. Заедно со северните области, предупредувањето за студ важи и за градот Софија, Софискиот регион, Ќустендил и Перник, според временските прогнози.
Поради силниот мраз, училиштата во Русе ќе останат затворени во текот на денот, додека градинките ќе продолжат да работат како и обично.

Врнежите од снег ќе продолжат во текот на ноќта во делови од источна Бугарија, но се очекува врнежите да престанат насекаде до утринските часови. Ветровите ќе бидат умерени, со периоди на посилни северозападни налети, особено во Дунавската рамнина, по должината на долината Струма и во западните делови на Горната Тракиска Низина.
Минималните температури ќе се движат помеѓу минус 10 и минус 5 степени Целзиусови, а Софија ќе забележи вредности близу до минус 10. Облачноста ќе биде променлива и значително ќе се разредува во многу области во текот на денот. Ветровитите услови ќе продолжат, со умерени ветрови и привремено посилни северозападни ветрови во северните региони, долината Струма и западните делови на Горната Тракиска Низина.