Балканот силно погоден од глобалното затоплување


Во пресрет на утрешното отворање на Конференцијата на ОН за климатски промени во Глазгов, Светската организација за заштита на природата (ВВФ) предупреди дека Балканот во последниве години е силно погоден од глобалното затоплување, со просечен пораст на температурата од 1,2 степени, и дека се очекува дополнително затоплување од 1,7 до 4 степени, во зависност од локалните и меѓународните мерки за намалување на емисиите на гасови со ефектот на стаклена градина во следните години.

„Собирот во Глазгов може да биде последната шанса да ги забавиме климатските промени, светските лидери да постигнат договор и да ги исполнат сите досегашни ветувања поврзани со климатските промени“, рече извршната директорка на ВВФ Адриа, Наташа Калауз.

Организацијата апелираше до граѓаните да се приклучат во кампањата „Нема да заборавиме“ (#WeWontForget) за да ги потсетат официјалните лица на ветените цели и конкретните мерки за ублажување и приспособување во соочувањето со климатските промени.