Бајките како примери и поуки за важноста на сонот


Лондон – Некои бајки и приказни од жанрот детска фантастика коишто успивале поколенија деца наназад – може да послужат како едукативен материјал, во разговорите и воспитувањето за здравиот сон на децата, според истражување објавено во најновото издание на „Британскиот медицински журнал“ (British Medical Journal).

Трудот проучува четири познати дела коишто вклучуваат податоци за придобивките од сонот и лоши последици од нарушувањата на спиењето. Така, на пр., „Снежана и седумте џуџиња“ посочува и поучува дека последица на лошиот сон е и ‘рчењето коешто е својствено кај „џуџињата“, т.е. ниските луѓе во приказнава. И имињата на овие протагонисти укажуваат на видовите раздразливост од лошиот сон – Спанко, Намќорко, а се алудира и на намалениот имунитет поради замор – Кивавко, како и на послабите социјални вештини – Срамежливко.

Проблемите со вниманието и течноста на говорот се, исто така, последици од недостатокот на сон и може да ги објаснат тешкотиите во говорот на „џуџето“ – предводник Док.

Патем, може да му се укаже на детето и дека „џуџе“ е застарен поим за лицата со низок раст којшто денес можеби е навредлив за некои од овие луѓе.

Во „Принцезата и зрното грашок“, непроспиената ноќ на принцезата, може да се толкува со нарушувања на аутистичниот спектар. Сензорната чувствителност е честа кај овие лица, како и тешкотиите со спиењето, а несоницата е најчестиот проблем.

Во истовреме, „Златокоса и трите мечиња“ покажува дека клучен дел за постигнување здрав сон е вистинската атмосфера – удобен кревет и просторија којашто ниту е премногу топла, ни преладна, туку „таман“. Кога собата е темна и тивка, условите се идеални…

Конечно, во „Петар Пан“, читателите се запознаваат со својствата и одликите на парасомнија, што е вообичаена во детството. Тука паѓаат месечарење, говорење во сон, често и нагло будење и кошмари. И Петар Пан не е исклучок, па често има кошмари… Ова, според написот, е прилика да ѝ се укаже на младата личност дека парасомнија се јавува во случаи на стрес, анксиозност и недоволен сон, што се совпаѓа со искуствата на насловниот лик во „Петар Пан“.