Бајден: Нетанјаху му прави повеќе штета отколку корист на Израел
Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека верува оти израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „му прави повеќе штета отколку корист на Израел“ со неговиот пристап кон војната во Појасот Газа.
Американскиот лидер ја изрази својата поддршка за правото на Израел на самоодбрана по нападот на радикалното палестинско движење Хамас на израелска територија на 7 октомври минатата година, но за Нетанјаху рече дека „треба да посвети поголемо внимание на изгубените животи на невините луѓе. што беше последица на преземените дејствија“.
Бајден, кој со месеци го предупредува Израел дека ќе ја изгуби меѓународната поддршка поради зголемениот број цивилни жртви во Појасот Газа, даде интервју за Ен-би-си.
За бројот на жртвите во Газа, кој, според Министерството за здравство на групата Хамас што ја контролира енклавата, веќе изнесува околу триесет и една илјада луѓе, Бајден рече дека „тоа е во спротивност со ставот на Нетанјаху“.
-И мислам дека тоа е голема грешка, истакна Бајден.
Тој додаде дека евентуалниот упад на израелските сили во египетскиот пограничен град Рафа во Појасот Газа, каде што се засолниле повеќе од 1,3 милиони Палестинци, за него е „црвена линија“.
Напорите за постигнување примирје во Појасот Газа се во тек, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во име на странската разузнавачка служба – Мосад. Директорот на Мосад Дејвид Барнеа се сретнал со неговиот колега на чело на ЦИА, Вилијам Барнс, а средбата се одржала во петокот, се наведува во израелското соопштение.
Главна тема на разговорите е прекинот на огнот, по што мора да следи ослободување на израелските заложници кои Хамас ги држеше во заробеништво во Газа.
-Нашите контакти и соработка со преговарачите траат во секое време. Правиме напори да ги намалиме разликите и да постигнеме договор, се вели во соопштението на Мосад објавено од канцеларијата на Нетанјаху.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека Барнс останал во регионот за да ги продолжи разговорите за примирјето. Напорите беа во насока на прекин на огнот во Појасот Газа, населен со Палестинци, пред муслиманскиот свет месец Рамазан, кој треба да започне денеска.Хамас го обвинува Израел за застој во преговорите за ослободување на израелските заложници, за кои се верува дека во моментот има 134. Според Хамас, Израел не дава гаранции за завршување на војната и за повлекување на своите сили од енклавата.