Бајден: „Американците нема да гинат во војна во која Авганистанците не се подготвени да се борат за себе“


Американскиот претседател Џо Бајден вечерва го прекина молкот за настаните во Авганистан. Тој го напушти одморалиштео Камп Дејвид, каде што имаше намера да престојува до среда

Неочекуваниот брз пад на авганистанската влада, влегувањето на Талибанците во Кабул, хаотичните сцени на тамошниот аеродром, но и критиките на домашната политичка сцена, не му оставија можност на Бајден да не се обраќа до јавноста уште некое време.

Последен пат тој зборуваше за Авганистан минатиот вторник кога ја бранеше својата одлука да ги повлече војниците од Авганистан и се потпре на тамошната армија при што рече дека таа има сила да се одбрани од Талибанците.

Но, наместо уредно повлекување, за што имаше јавна поддршка, целиот процес се претвори во понижувачки американски дебакл.

„Мојот тим и јас ја следиме ситуацијата во Авганистан и ги планираме сите можности, вклучувајќи го и брзиот колапс што се случува сега. Но, прво сакам да ве потсетам како дојде до ова. Отидовме во Авганистан пред 20 години со јасна цел – да ги фатиме извршителите на нападите на 11 септември. Тоа го направивме. Ја уништивме Ал Каеда во Авганистан. Не сакавме да градиме нација во Авганистан. „Нашата цел останува она што беше и претходно – да спречиме терористички напад врз нашата татковина“, рече Бајден. „Денес, терористичката закана метастазираше надвор од границите на Авганистан. ИСИЛ се обиде да создаде калифат во Сирија и во Ирак. Тие закани го истрошија нашето внимание и нашите ресурси – рече американскиот претседател.

„Кога ја преземав претседателската функција, го наследив договорот што Доналд Трамп го склучи со Талибанците. Нашите сили во Авганистан се намалија од 15.000 на 2.500. Талибанците беа најсилни од 2001 година. Мојот избор беше или да ги почитувам тие преговори или да влезам во војна со Талибанците. Немаше договор за заштита на нашите сили по 1 мај. Остана само студена реалност – или да ги повлечеме нашите сили или да го заостриме конфликтот и да испратиме илјадници американски војници. Јас стојам на мојата одлука. По 20 години, научив на потешкиот начин дека нема добро време за повлекување на американските сили. Ризиците ни беа јасни, планиравме за секоја можност, но вистината е дека ова се разви побрзо отколку што очекувавме. Што се случи? Авганистанските лидери избегаа од земјата, а нивната армија колабираше“, рече американскиот претседател.

Американците нема да гинат во војна во која Авганистанците не се подготвени да се борат. Авганистанската војска имаше 300.000 луѓе, им го дадовме секое оружје што можевме, им ги исплаќавме платите. Ги поддржавме од воздух. Им ја дадовме секоја шанса, но не можевме да им дадеме волја за борба“, рече Бајден. „Кина и Русија не би сакале ништо повеќе отколку да продолжиме да трошиме милијарди долари во Авганистан. Кога го пречекав авганистанскиот претседател во Белата куќа, разговаравме искрено. Разговаравме за тоа дали нивната војска е подготвена да се бори во граѓанска војна кога ќе заминеме, дали нивната влада е подготвена да се бори против корупцијата. Тие не направија ништо од тоа. Господинот Гани ме уверувваше дека нивната војска ќе се бори “, рече тој.

„За оние кои сакаат да останеме, имам неколку прашања: уште колку надгробни споменици сакате на воените гробишта во Арлингтон? Уште колку од нашите синови и ќерки треба да испратиме таму? Тоа се грешки што не смееме повеќе да ги повторуваме бидејќи имаме витални интереси во светот и не смееме да ги игнорираме – рече тој.

– За сите оние кои ги загубија најблиските во Авганистан, за сите војници кои ги оставија своите животи и екстремитети таму, ова е длабоко лично. Бев во Авганистан за време на војната, бев во Кандахар и на други места. Поминав време со нашите војници и сфатив што е можно, а што не. Ќе продолжиме да ги поддржуваме Авганистанците преку дипломатија, ќе продолжиме да се залагаме за човековите права на жените и девојките во Авганистан. Но, вистинскиот начин да се направи тоа не е бесконечен воен конфликт, туку дипломатија, економија и поврзување на светот да ни се придружи“, рече Бајден.

Повеќето Американци повеќе не сакаат да ризикуваат човечки животи и да издвојуваат нови милијарди долари за земја во која поголемиот дел од населението не ги слави американските војници и нивните сојузници како ослободители, туку се бори против нив како окупатори.

„Настаните што ги гледаме сега се за жал доказ дека никаква воена сила никогаш не би довела до стабилен, обединет, безбеден Авганистан“, заклучи тој.