Австриските компании се заинтересирани за инвестирање во земјава и за зголемување на размената

Најголема стопанскка делегација во посета на земјава, најавено дека две австриски компании се заинтересирани да ги прошират своите инвестициите. Вкупната размена меѓу Австрија и Македонија лани достигна 300 милиони евра


Претставници на 25 австриски компании и на шеесетина од македонското стопанство денес во Стопанската комора на Македонија одржаа бизнис средба на која што ги разгледуваа можностите за проширување на меѓусебната соработка и за зголемување на инвестициите. Австрија во Македонија е втор по големина странски инвеститор, а вкупната трговска размена меѓу двете земји изнесува околу 300 милиони евра, што претставува добра основа за натамошно унапредување на економските врски меѓу двете земји, посочија од македонска и австриска страна. Притоа, беше најавено дека две австриски компании се заинтересирани да ги прошират инвестициите во земјава.

„Стопанската комора е секогаш фокусирана на проширување на пазарот за македонските фирми. За нас секогаш бил приоритет регионот, но секако и Австрија како докажан партнер на Македонија“, истакна извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев.

Иако Австрија не спаѓа во државите со кои што имаме највисоко нив на трговска размена, таа е некаде околу 20. место според обемот на размената, оваа земја пред две години беше вториот најголем инвеститор во Македонија и тоа во неколку битни сектори – тоа се телекомуникациите, банкарскиот сектор, трговијата со електричната енергија, а има компанија која што работи и во делот на градежништвото.

„Австрија е докажан партнер на Македонија и многу ми е драго дека по серијата големи посети од Германија и од САД имаме голема стопанска делегација во рамките на посетата на австрискиот претседател ван дер Белен. Она што денес ќе се случува тука е билатерална средба меѓу компаниите“, рече Пешев.

Според податоците на комората, Македонија минатата година имаше негативна размена со Австрија, за 70-тина милиони долари помалку сме извезле отколку што изнесувал увозот што секако е сигнал дека треба да се поработи на делот на инвестициите, како директните инвестиции, така и преку заеднички вложувања со наши компании со што ќе се подигне нивото и на постојните компании во државата.

Како што истакна Рихард Бандера, регионален менаџер за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија во Австриската федерална економска комора „Advantage Austria“, тие се присутни во нашата земја веќе две децении со претставништво и стопанската комора, додавајќи дека ова е најголемата стопанска делегација од Австрија која што до сега пристигнала кај нас, што е доказ дека соработката меѓу двете стопанства ќе продолжи.

„Посетата на нашиот сојузен претседател доаѓа четири години по посетата на вашиот претседател во Австрија и тука сме со намера да ги зајакнеме стопанските врски и стопанската соработка меѓу двете земји“, рече Бандера.

Тој посочи дека Австрија е најголемиот инвеститор во Македонија и дека две фирми изразиле спремност да ги прошират своите инвестиции во секторот автомобилски делови и во секторот за телекомуникации.

Јирген Шредер, трговски советник во австриската амбасада за Северна Македонија, со седиште во Белград, укажа дека претставници на 25 австриски фирми се присутни во земјава со цел да воспостават контакти со македонски фирми.

„Ако ме прашате како една мала земја како Австрија е толку успешна во инвестициите, прво тоа е затоа што имаме меѓусебни историски врски, но исто така и поради фактот што австриските фирми многу брзо го увидоа потенцијалот кој што постои овде во економијата на Северна Македонија. И како што кажа мојот претходник, ние сме горди со тоа што може да се пофалиме дека сме најголемиот инвеститор овде“, рече Шредер.

Тој додаде дека во земјава има околу австриски 60 фирми кои што инвестирале и кои што имаат своја филијала и во кои имаат отворено околу 10 илјади работни места.
„За вас не е изненадување дека ЕВН, А1 или Шпаркасе се инвеститори и фирми кои што се водечки на пазарот овде и кои што се активни веќе многу години наназад“, рече Шредер.
Тој посочи дека австриските инвестиции во земјава се приближуваат до износот од една милијарда евра.

„Вчера минувавме по западниот дел од Северна Македонија, при што ја посетивме фирмата ‘Магна’. Таа е со седиште во Канада, но е управувана од Австрија и тоа исто така укажува на тесните врски и соработката што се остваруваат повеќе години наназад. Тоа се позитивни сигнали со кои што можеме да мотивираме и други фирми да продолжат или да започнат со своите инвестиции овде“, рече Шредер.

Во однос на трговската размена тој рече дека лани остварила високи резултати.
Според австриските податоци, извозот на Австрија кон Македонија лани изнесувал околу 160 милиони евра, а увозот од Македонија бил околу 140 милиони евра, или вкупно тоа прави трговската размена да изнесува околу 300 милиони евра.

Запрашан кои се двете фирми кои сакаат да инвестираат во земјава, како и дали станува збор за нови или проширување на постојните инвестиции, Шредер одговори дека за сега не може да каже нешто подефинитивно, но додаде дека смислата и целта на оваа посета на австриските фирми е да се разменат информации и работи кои што се важни за соработката за да можат преговорите да продолжат и понатаму во наредниот период.

На прашањето дали австриските фирми овде се соочуваат со пречки во водењето на бизнисот, и со проблеми кои што треба да се надминат, Шредер рече дека нема такви проблеми, односно дека тоа се нешта кои што се решаваат со преговори.

„Не би можел да кажам дека има тешкотии кои што не се решливи, ако не се преговара за нив“, рече тој.