Австрија се задолжи со издавање на 50-годишна обврзница
Австрија се задолжи во вторникот со издавање еврообврзница со рок на доспевање од 50 години, приклучувајќи им се на европските земји кои го користат периодот на ниски трошоци за позајмување за да издадат долгорочни должнички хартии од вредност.
Австрија на аукцијата позајми 1,75 милијарди евра со издавање на 50-годишна обврзница за која кредиторите пројавија заинтересираност за дури 14,8 милијарди евра.
Шпанија позајми шест милијарди евра со издавање на 15-годишна обврзница која привлече понуди во вкупна вредност од 62 милијарди евра, според документите на управителот на аукцијата објавени од Ројтерс.
На минатонеделната аукција, Италија позајми пет милијарди евра со издавање на 50-годишна обврзница, а вредноста на собраните понуди беше речиси 13 пати поголема од понудената, потсетува Ројтерс.
Продажбата на италијански и австриски 50-годишни обврзници сигнализира дека потребата земјите да позајмуваат, по ниска цена, со издавање на обврзници со многу долг рок на отплата, е далеку од исцрпена.
Франција, Белгија и Шпанија исто така ги искористија ниските трошоци за позајмување, продавајќи 50-годишни обврзници на почетокот на годината.
Во февруари, кога пазарот беше погоден од бран на продажба, цените на овие обврзници нагло паднаа.
По силниот почеток годинава, продажбата на 50-годишниот државен долг почна да забавува бидејќи приносот на државните обврзници се зголеми поради очекувањата на инвеститорите дека дарежливиот фискален стимул на САД ќе го зголеми економскиот раст и ќе ја поттикне инфлацијата.
Пазарите беа зафатени од бран на продажба, а ситуацијата се смири откако Европската централна банка (ЕЦБ) објави дека ќе го засили темпото на откуп на обврзници.
Државните обврзници со многу долг рок на достасување се меѓу најризичните емисии на државни обврзници, бидејќи се почувствителни на промените на основните каматни стапки, а централните банки обично реагираа на зголемувањето на инфлацијата со нивно покачување.
Дополнителен ризик е фактот дека ЕЦБ, чии купувања на обврзници ги намали каматните стапки во еврозоната, не купува обврзници со рок на достасување подолг од 30 години, потсетува Ројтерс.