Авганистанците се научија на добар живот

За две децении, откако Талибанците ја загубија контролата врз Авганистан, условите за живот значително се подобрија, вклучувајќи огромен напредок во здравството, образованието, животниот век и смртноста кај децата. Но, ендемичната корупција и насилство го забавија темпото на напредок, а намалувањето на бројот на војниците и помошта во последните години намали и еден од најголемите извори на приход, со економски последици.
Поранешниот гувернер на авганистанската централна банка, Ајмал Ахмади, кој ја напушти земјата минатиот викенд откако исламистичката група се врати на власт, за „Фајненшл тајмс“ рече дека секој што го намалува подобрувањето на животот на Авганистанците „ја омаловажува промената што се случи“. Но, Герет Прајс, виш научен соработник во тинк-тенк Чатам Хаус, смета дека иако Авганистан „драматично се промени“ во социјална смисла, „ниту еден од главните домашни генератори на раст-особено резервите на минерали – не е значително искористен, освен нелегалното рударство “.
Економијата порасна, но сега стагнира животниот стандард кој имаше корист од двоцифрена економска експанзија до средината на 2010-тите. Производството стагнираше во текот на изминатата деценија, бидејќи меѓународната финансиска поддршка се намали. Тековите на помошта паднаа од околу 100 проценти од БДП во 2009 година на 42,9 проценти во 2020 година според Светска банка, што ја ограничи активноста во секторот услуги и вработување. Меѓународните пари се очекува целосно да пресушат за време на Талибанците, заканувајќи се на опстанокот на авганистанската легална економија.
„Со оглед на тоа што голем дел од економскиот напредок во последните 20 години е граден врз основа на надворешна поддршка, враќањето на Авганистан во рацете на талибанците најверојатно ќе го извлече килимот од економијата“, предупреди Герет Ледер, азиски економист. „Големиот пад на БДП и назадувањето во социо-економскиот азвој се чини дека се извесни“.
Според податоците, Авганистан легално извезувал само околу 1 милијарда долари стока во 2020 година, помалку од соседниот Таџикистан, и покрај тоа што неговото население е четирипати поголемо. Половина од неговиот официјален извоз е составен од грозје и друго свежо овошје, иако важноста на земјоделството опадна со проширувањето на услужниот сектор. Но, официјалните податоци треба да се земат со малку резерва бидејќи еден од најголемите производи во Авганистан е илегалниот опиум, кој секако не се појавува во националните пресметрки. Експертите заклучија дека неформалната економија опфаќа дури 80 проценти од вкупната економска активност на Авганистан, што значи дека официјалните проценки за растот е со ограничена корист.
Сепак, во изминатиот период екојдневниот живот на многу Авганистанци значително се подобри. Здравствената заштита и образованието станаа пошироко распространети, стапката на смртност опадна и употребата на технологија стана вообичаена. Околу 60 деца на возраст под 5 години починаа во 2019 година на 1.000 родени и според Светската банка – таа бројка е преполовена од почетокот на векот, што е најбрзо намалување на смртноста кај децата во сите земји со ниски приходи. Пропорцијата на деца со помала тежина се преполови во истиот период, а Авганистан забележа слично намалување на ризикот од мајчинска смрт.
Здравствената заштита, исто така, се подобри низ низа мерки и речиси половина од населението има пристап до санитарни услови, во споредба со една четвртина во раните 2000 -ти. Како резултат на тоа, Авганистанците сега живеат скоро 10 години подолго отколку пред две децении.
Образовните перформанси исто така значително се подобрија. Има околу 8,2 милиони деца повеќе во училиште отколку во 2001 година, а процентот на деца запишани во средно образование скокна од 12 отсто во 2001 година на 55 отсто во 2018 година. Многу поголем број млади Авганистанци имаа вистинско образование. Особено жените имаа корист и нивниот живот е подобрен преку голем број индикатори. Запишувањето на девојчињата во образованието скокна, стапката на плодност кај адолесцентите опадна и многу повеќе жени се на работа.
„Огромни придобивки беа постигнати во последните две децении во образованието на девојчињата“, рече Сузана Харес, ко-директор за образовна политика во Центарот за глобален развој. Но, таа предупреди дека „тие сега се изложени на голем ризик брзо да бидат вратени назад. „Најверојатно ќе видиме многу, многу авганистански девојки принудени да го напуштат училиштето “, вели таа. Жените исто така влегоа во работната сила во многу поголем број отколку порано. Минатата година, околу една петтина од државните службеници во Авганистан беа жени и едно од четири парламентарни места ги држеа жени-од нула во 2001 година. Но, насилството и сиромаштијата се се уште распространети и покрај напредокот, така што талибанците ја преземаа одговорноста за една од најкревките економии во светот.
Ретко која земја е помалку гостопримлива за бизнисот, или повеќе корумпирана. Авганистан беше 165 од 180 земји во индексот на корупција на Транспаренси Интернешнл во 2020 година – иако се качи за 11 места од 2012 година.
„Развојот и диверзификацијата на приватниот сектор се ограничени од несигурноста, политичката нестабилност, слабите институции, несоодветната инфраструктура, распространетата корупција и тешкото деловно опкружување“,оцени Светска банка.Очекуваниот животен век е се уште осум години помал од светскиот просек и пет години под просекот во Јужна Азија.Животниот стандард е најнизок во регионот и повеќе од половина од населението живее под прагот на сиромаштија. Во однос на мерките за здравје, лична слобода, услови за живот, доверба во институциите, безбедност и сигурност, Авганистан се уште е меѓу најлошите во светот.
И покрај ова, поранешниот гувернер на централната банка Ахмади предупреди дека пресвртот на напредокот во изминатите две децении ќе има значително влијание врз животот на обичните Авганистанци.
„Имате ситуација во Авганистан каде што секој човек има мобилен телефон и тоа е спас за многу луѓе“, рече тој. „Имаше значителен економски напредок и претстојното влошување ќе биде, мислам, шок за повеќето од нив“. (ФТ)