Aсани: „Славија” беше распродавана на парче од владата на ВМРО-ДПМНЕ


 

 Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, денеска изјави дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ изнела лаги и невистини во врска со продажбата на АД „Славија“.

– ВМРО-ДПМНЕ вели дека вредноста на компанијата изнесува над 20 милиони евра. Тоа не е точно. Оваа бројка за вредноста на АД „Славија“ е од 2012 година, кога тогашната Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ја најави продажбата на компанијата на прес-конференција на 23 ноември 2012 година. Она што не го кажуваат од ВМРО-ДПМНЕ е дека денес вредноста на компанијата е далеку помала поради фактот што во меѓувреме, во период од 2012 до 2017 година, имотот на АД „Славија“ е распродаван на парче и тајно, по цени далеку помали од вредноста, нагласи Асани.

Тој, како што рече, за разлика од тогаш денес се е транспарентно и јавно.

– За да ја извадат на тој начин продажбата на АД „Славија“, наместо да ја понудат на продажба со акциите на берзата, нејзиниот имот е продаван на парче и зад затворени врати. На тој начин, по за државата неповолни и ниски цени, се распродавани повеќе десетици дуќани и атрактивни локали во Скопје и низ целата држава, рече Асани.

Тој посочи дека дел од тие локали и дуќани на АД „Славија“ се во сопственост на „Тинекс“ и други приватни компании.

– Според тоа, цената на АД „Славија“ денес не е нешто над 20 милиони евра, како што рекоа на прес-конференцијата од ВМРО-ДПМНЕ, туку многу пониска, а причината е тоа што токму Владата на ВМРО ДПМНЕ во периодот од 2012 до 2017 година ја распродаде „Славија“ на парче, рече Асани.

Тој потенцира дека денес имотот на АД „Славија“ се состои од нејзината управна зграда, магацини и земјиштето во Кисела Вода, а вредноста на акцијата ја дефинираат и долговите на претпријатија кои се бројат во милиони евра.

– Секако, доколку би била продадена „Славија“ секој еден купувач треба да му биде јасно дека ја купува со сиот багаж којшто го наследила од претходно. Самата претходна влада пријавила долг дури 17 милиони евра. Може да се каже дека АД „Славија“ е распродадена повеќе од 70 посто. Што се однесува до акциите на АД „Славија“ нивната вредност произлегува од капиталот што стои зад нив, а тоа е имотот што го спомнав претходно. Од продажбата на „Славија“ ќе бидат исплатени долговите кон вработените и кон доверителите, истакна Асани.

Тој потенцира дека во моментов се врши проценка на имотот на АД „Славија“, а се продаваат нејзините акции.

-Во тек е нова проценка за АД „Славија“. Но, да разграничиме, едно е имот, а друго е акции. Во моментов Агенција за управување со одземен имот има распишано продажба на акции и тоа не само од „Славија“ туку и од други фирми, рече Асани.

И од СДСМ порачаа дека ВМРО-ДПМНЕ шири невистини и дека она што е точно е дека токму оваа партија го обезвредни и раскрчми имотот на АД Славија.

 
-Од 2012 до 2017 година токму ВМРО ДПМНЕ со тајни зделки и зад затворени врати распродала над 70% од имотот на АД Славија, со што уште повеќе ја намалила вредноста на компанијата.
 
Според проценката направена во 2012 година компанијата имала долг од 17 милиони евра, што значи дека уште тогаш нејзината вредност била најмногу три милиони евра. Со тајна продажба, зад затворени врати е оштетена компанијата и државата, бидејќи по неповлни и ниски цени се распродавани десетици дуќани и најатрактивни локали, некогашни маркети на Славија, во Скопје и низ целата држава, кои денеска се сопственост на приватни компании. 
Наместо да шири дезинформации ВМРО-ДПМНЕ треба да се пријави за купување на АД Славија и да ги преземе долговите во компанијата направени токму од ВМРО-ДПМНЕ, порачаа од СДСМ.