Арсовски за политичките пресметки преку МВР: Попрво ќе падне Чулев, отколку Владата


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денес порача дека дека датумот за избори е завршена работа и ќе се одржат на 5 јули, бидејќи е неодговорно да се остави државата без парламент и со техничка влада во која опозицијата е настроена деструктивно. Со изјавата Заев директно ја посочи техничката влада како причина зошто сака брзи избори, откако ескалираа недоразбирањата околу работата на МВР и партиското дејствување на министерот Наќе Чулев.

Враќањето на партиската поделеност во МВР стана многу очигледна вчера, откако неколку началници именувани од Чулев излегоа во негова одбрана, а против првиот човек на Бирото за јавна безбедност. Изминатите денови Чулев најави и истраги против актуелни функционери, а споменувањето на наводно откриени злоупотреби во  времето кога оваа институција ја водеше актуелниот премиер Оливер Спасовски асоцираше дека Чулев, како извршител на политиката на ВМРО-ДПМНЕ, може да добие идеја и да го апси премиерот или да ја урива Владата, уште повеќе ако анкетите покажуваат дека нема друг начин да дојдат на власта.

До каде може да оди „војната“ околу МВР, откако таа почна да се одразува и на состојбата со бројот на заразени во државата, а епидемијата повторно зема замав?

„Нема да се случи ништо драматично“, смета аналитичарот Петар Арсовски, според кого попрво ќе падне Пржинскиот договор отколку што Чулев ќе успее да ја урне Владата на ваков начин.

„Ако ситуацијата ескалира многу и ако се докаже навистина дека МВР саботира на некаков начин, со оглед на вонредната ситуацијата, повеќе ќе се прекрши Пржинскиот договор отколку што ќе се распадне Владата. Едноставно, ќе го разрешат Наќе“, вели Арсовски. Според него, тоа е можно во вонредна ситуација така што Владата ќе донесе уредба со законска сила.

„Ако може Владата да донесе закон за било што во вонредна ситуација, може и за ова“, вели Арсовски. Според него, ќе биде грешка на ВМРО-ДПМНЕ ако реши да возврати и проба да апси високи функционери за наводни злоупотреби, како што навестува Чулев, бидејќи за нив тоа е преголем политички залак.

„Не верувам дека ќе ја ескалираат ситуацијата до таму бидејќи може да ги обвинат за политиканство во вонредна ситуација. Така што, не верувам дека било што драматично ќе се случи. Повеќе очекувам дека Владата, ако мисли дека Чулев не ја врши работата како што треба, ќе го задолжи директно БЈБ да спроведува контроли на терен, ќе го заобиколи Чулев или ќе му ги преземе ингеренциите на терен. Може да го направи тоа. Но, јас не верувам дека и едната, и другата страна ќе дозволат да се стигне до таму, бидејќи тоа ќе се одрази на нивните рејтинзи, на почнувањето преговори со ЕУ…“, вели Арсовски.

Тој не беше уверен дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотира изборите ако СДСМ реши сама околу датумот.

„Никогаш нема да дојдеме во ситуација да прогласиме победа над вирусот па да одиме на избори. Тоа во наредните две години ќе го нема. Јас мислам дека СДСМ ќе оди на избори дури ако ВМРО-ДПМНЕ реши да ги бојкотира. Но, ако изборите бидат на 21 јуни, ВМРО-ДПМНЕ нив сигурно ќе ги бојкотира. Од друга страна, 5 јули е преблиску до нивниот посакуван датум (12 и 19 јули) за да можат така да си поигруваат“, оценува Арсовски.

Тој лично смета дека не е сигурно дека Мицкоски сака избори во септември, па ни во декември, и дека единствено што знае во моментов е дека не сака избори летово, така што буквално купува време, бидејќи евентуален пораз за него би значел дека треба да си оди од партијата или да се соочи со пресметка внатре.

Што ако во септември имаме исто вакви големи бројки, а Уставот налага да имаме избори, што ќе правиме?

„Собранието може да си го продолжи мандатот ако не се одржат избори. Тоа им е загарантирано во Уставот. Но, бројките, иако се високи, не се толку драматични како што изгледа. Не е исто да имате 60 заразени на почеток и 60 сега. Сега вирусот е ослабен и многу помал број од луѓето што се заразуваат завршуваат во болница. И да има 200 заразени на ден, само 15 од нив завршуваат во болница, а тројца на респиратор. Така што бројката што ја гледаме не се однесува на болнички кревети, што е најбитно. Новите препораки на СЗО се, всушност, дека ништо не треба да се затвори додека не се наполнат 70 отсто од капацитетите на болниците. Потоа треба да се размислува за ригорозни мерки. Ние ги гледаме пандемијата и изборите како консекутивни процеси – прво едното да заврши, па ќе го мислиме другото. Не е така. Двата процеси се паралелни, и така е секаде“, вели Арсовски.

Според него, ако нема решение, секогаш останува опцијата да се прогласи вонредна состојба, бидејќи во Уставот нема ограничувања колку пати може да биде донесена таква одлука.

„Претседателот може да прогласува вонредна состојба колку што сака. Никаде во Уставот не пишува дека може само една. Кога ќе се создадат услови за вонредна состојба, а Собранието не може да ја прогласи бидејќи е распуштено, ја прогласува претседателот. Значи може стопати, илјада ако сака, се додека се исполнети условите што му го дозволуваат тоа со Уставот“, вели Арсовски.  (С.Ј.)