Армијата зајакната со шест хаубици


Денеска стоиме пред важен чекор на нашата држава, го зајакнуваме својот одбранбен капацитет, ја модернизираме својата армија и јасно покажуваме дека знаеме да вложуваме одговорно, стратешки и во интерес на безбедноста на своите граѓани, рече премиерот Христијан Мицкоски, на денешната промоција на артилериската батерија составена од шест хаубици 105 мм, „Боран“ и друга придружна опрема во прилепската касарна „Мирче Ацев“.

На настанот на кој присуствуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, премиерот Мицкоски посочи дека набавката е направена од сојузничка Турција, а е во рамки на процесот за модернизација и опремување на Армијата.

-Со гордост објавувам дека Министерството за одбрана успешно реализираше два значајни договори за набавка на нова современа воена опрема – опрема која е целосно усогласена со НАТО стандардите. Ова не е само набавка. Ова е визија за Македонија како стабилна, сигурна и подготвена членка на НАТО Алијансата. Ова е порака дека државата станува сила што застанува на свои нозе, рече Мицкоски.

Во рамки на првиот договор, додаде тој, се набавени и веќе испорачани шест хаубици – моќни артилериски системи кои ќе го засилат капацитетот на нашата Армија. Заедно со нив е предвидена и набавка на муниција со зголемен дострел, чија испорака и исплата се планирани во текот на 2026 година. Со вториот договор, обезбедена е набавка на опрема за хаубиците – системи за комуникација и контрола на оган кои значително ќе ја зголемат огнената моќ и прецизноста на делувањето на нашите единици.

Набавката не е не е изолиран случај, рече претседателот на Владата, посочувајќи дека државата вложува во економијата, енергетиката, земјоделието, во здравството, образованието, во одбраната, за развој на државата како целина.

-А, силата на една држава се гледа токму во способноста да го заштити својот суверенитет, да го гарантира својот мир и да стои цврсто кога е предизвикана. Без безбедност, нема стабилен развој. Без силна одбрана, нема трајна стабилност. Ова не се само бројки. Ова се живи сведоштва за новиот пристап кој го градиме – пристап во кој безбедносниот систем се развива темелно, домаќински и со јасна цел. Да обезбедиме одбранбен систем кој ќе се темели на сопствена сила и стратегија, рече премиерот.

Со опремата смета тој, армијата ќе биде помоќна попрецизна и поусогласена со НАТО стандардите, потенцирајќи дека веќе нема импровизации, застарена опрема и декларативна поддршка, туку реални инвестиции, план, стратегија, волја, а и одговорност.

-Со оваа набавка, ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците. Македонија која се грижи за своите војници, која ја почитува својата Армија и која знае дека силна Армија значи сигурен народ. На сите припадници на Армијата – ви честитам. Оваа опрема е за вас. За вашата безбедност, за вашата способност и за вашата посветеност кон татковината. А вие сте нашиот прв бедем и гордост на Македонија. Македонија мора да успее. А ќе успее само ако е силна, самостојна и сигурна. Ги градиме темелите на промените, рече Мицкоски.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски се заблагодари на Турција, турскиот амбасадор и аташето за опремата за која кажа дека значајно ќе придонесе за безбедноста на државата, но и за поддршката при несреќи, катастрофи, нагласувајќи дека е заемна поддршката.

– Ние во Министерството за одбрана и Генералштабот на армијата сме максимално посветени во градење на македонските одбранбени капацитети кои значат силно подготвена и опремена армија секогаш подготвена да одговори на потребите на граѓаните и на безбедноста на државата. Доказот за тоа го гледаме и тука денеска пред сите нас, оваа нова опрема којашто е дел од вложувањето на артилерискиот баталјон артилериска батерија со шест хаубици „Боран“ влијае сериозно на зголемувањето на борбената готовност на Армијата и нејзината способност да ја гарантира безбедноста на Македонија и сигурноста на македонските граѓани, рече министерот Мисајловски.

Опремата рече министерот е произведена во Турција согласно највисоките НАТО стандарди, нагласувајќи дека набавката преку договорот влада со влада упатува јасна порака дека државата има огромна доверба во високиот квалитет на производите од турската воената индустрија.

Пред присутните се обрати и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.