„Архиродон“ уште не објаснила зошто се откажа од „Чебрен“


Грчката фирма „Архиродон“ до денеска не одговорила зошто не го продолжила договорот и не ја продолжиле банкарската гаранција за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, а според министерката за животна средина, Каја Шукова, следи поништување на тендерот.

-Веќе подготвуваме одлука за наредната седница на Влада, ќе оди информација за поништување и затворање на процесот за „Чебрен“, рече денеска Шукова пред панел-дискусијата „Зелена енергетска транзиција и поздрава животна средина за европска иднина“.

Заклучно со 31 декември не пристигна одлука за продолжување на договорот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“.

 

ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот.

Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 31 декември 2023 година заради жалбената постапка која беше во тек.