Антикорупциска влезе во Агенцијата за филм


Членови на Државната комисија за спречување на корупцијата неделава биле во посета на Агенцијата за филм и ја проверувале законитоста на работењето на директорот Горјан Тозија. Во ДКСК пристигнале неколку пријави за сомневања во законското работење на Тозија како директор на Агенцијата за филм, по кои веќе се води сериозна истрага. И Министерството за култура побарало извештај за финансиските трошења во Агенцијата.

Освен разговори со повеќе лица кои биле засегнати од начинот на одлучување на Тозија и на Управниот одбор на Агенцијата за филм, членови на ДКСК биле и во Агенцијата за филм.

Според пријавите, ДКСК води истрага за незаконска распределба на средства за 27 проекти без исполнување на основните услови за исплата на тие пари. Еден од главните услови за добивање на одобрените средства е поднесување на банкарска гаранција од страна на продуцентските куќи пред исплатата на секоја рата за секој проект поединечно.

Сомневањата се сведуваат на тоа дали овие 27 проекти ги исполниле условите пропишани со Законот за филмска дејност, дали ја комплетирале претходната фаза на развој/претпродукција и дали поднеле банкарска гаранција за наредната рата од исплатата.

Од Агенцијата за филм се повикуваат на членот од договорите во кои се споменува „виша сила“.

Тозија на 24 јуни на конференција за медиуми изјави дека тие 27 проекти се завршени со снимање или во финална монтажа. Во член од договорите, постои „виша сила“, па не гледал потреба од банкарска гаранција.

„Доколку дојде до виша силa, не треба банкарска гаранции, подоцна ќе се најдат. Не треба такви некои документчиња малечки, со кои навистина административно е оптеретен еден филм. Се надевам со новиот закон, ќе ги решиме тие работи. Се повикав на тој член, консултирав правници, адвокат кој е на Агенцијата“, рече Тозија.

ДКСК го испитува и начинот на финансирање од страна на Агенцијата за филм на Друштвото на филмските работници на Македонија, кое во целост застана во одбрана на работата на Тозија. Членовите на ДКСК не добиле и убедливи докази за пријавата за класичниот судир на интереси на новинарката Ана Василевска и финансискиот советник Бранко Петровски кои се јавувале во двојна улога во процесот на одлучување за проектите финансирани од Агенцијата за филм – и како членови на Советот за филм, но и како подготвувачи на материјалите (рецензии и финансиски проценки) за состаноците на Советот.

Во Законот за филмската дејност се разграничени надлежностите на филмскиот совет, филмските рецензенти и финансиските советници, поради што едно исто лице не може истовремено да биде и филмски рецензент односно финансиски советник и член на Филмскиот совет.