Антикорупциска отсега ќе го следи и урбанизмот


 Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) едногласно ја усвои Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси со Акциски план 2021-2025 година, што ќе биде предадена во Собранието, каде треба да биде усвоена. Во стратегијата за  првпат се воведуваат и четири нови сектори кои ќе се следат – животна средина, просторно планирање и урбанизмот, земјоделието и спортот. 

– Генерално мерките и активностите коишто се презентирани во нашата Стратегија се однесуваат точно на зајакнување пред се на инситуционалниот интегритет, а со самото тоа и на личниот интегритет на вработените во институциите, но некако сумирајќи ги резултатите од сите овие мерки и активности се наметнува заклучокот дека сепак нашата Стратегија е насочена кон зајакнување на контролните механизми на институциите, пред се тука вклучувајќи ги сите инспекторати, сите контролни механизми коишто се претставени во законските решенија и нивното спроведување. Така што исполнувањето на оваа Национална стратегија и ќе доведе до целосно зајакнување на инстуционалниот интегритет и контролните механизми на државата, нагласи претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Од ДКСК изразија надеж дека наскоро ќе биде усвоена Националната стратегија.

Имено, денеска ДКСК ја продолжи и 42-та седница, на која беа изнесени повеќе предмети, за кои ДКСК донесе одлука дека нема да постапува.

Сепак, поради многубројните пријави кои досега ги има добиено ДКСК, во однос на несоодветното бирање кандидати за одредени работи места во државни институции, односно „местење“ на условите за одредени лица, членовите на Комисијата укажаа дека мора да се најде соодветен механизам со кој ќе се спречи таквата пракса во иднина.