Слаткар, Лепа Брена и Ацо Пејовиќ за Богородица во Крива Паланка


Во духот на одбележувањето на големиот православен празник Успение на Пресвета
Богородица и празникот посветен на Св. Јоаким Осоговски – небесниот заштитник на
Крива Паланка, Општина Крива Паланка подготвува музички спектакл каков што градот
не памети во поновата историја.
На 29 август, Градскиот стадион во Крива Паланка ќе биде местото каде што
илјадници посетители ќе уживаат во незаборавна вечер исполнета со врвна музика,
безвременски хитови и спектакуларна атмосфера, со настапите на три големи музички
имиња: Лепа Брена, Ацо Пејовиќ и Слаткар.
Музичката програма ќе ја започне нашиот Слаткар, еден од најпрепознатливите
изведувачи на македонската музичка сцена, кој ќе донесе свежа енергија, модерен звук и
хитови што ќе ја кренат публиката на нозе.
Потоа следува настапот на музичката икона Лепа Брена – ѕвезда која со децении ги
обединува генерациите низ целиот регион. На сцената во Крива Паланка ќе приреди
вистински спектакл исполнет со нејзините најголеми хитови, песни што ја одбележаа
балканската музичка историја и енергија што ги освојува сите генерации.
Големата музичка вечер ќе ја заокружи легендарниот Ацо Пејовиќ, еден од
најпопуларните регионални изведувачи кој ќе ја донесе својата претпознатлива
интерпретација и безвременски хитови.
Спојот на романтика, емоција, врвна музика и незаборавна сценска продукција ќе создаде
вечер што долго ќе се памети, настан кој ќе го одбележи летото и празничните денови во
Крива Паланка.
„Особена чест ни е што токму во деновите кога го славиме нашиот духовен
заштитник – Св. Јоаким Осоговски и големиот празник Успение на Пресвета
Богородица, на нашите сограѓани и гости им подаруваме музичка вечер со три големи
имиња кои оставија неизбришлива трага на регионалната и македонската музичка
сцена.
Верувам дека со Ацо Пејовиќ, Лепа Брена и Слаткар подготвуваме вечер која ќе ја
надмине рамката на обичен концерт.Ова е вечер која ја подготвуваме за сите.
Ги поканувам сите граѓани од Крива Паланка, од цела Македонија, како и нашите
пријатели од соседните земји и целиот регион, да бидат дел од овој голем музички
концерт. На 29 август да се видиме во Крива Паланка, заедно да создадеме спомени
што ќе останат засекогаш и уште еднаш да покажеме дека нашиот град е место каде
што традицијата, гостопримството и врвните настани се спојуваат во едно
незаборавно доживување. “, изјави градоначалникот Сашко Митовски.